Македонка и Британец најдобри на „Икс денс 2018“

Во Македонскиот народен театар во Скопје на 17 и 18 јуни се одржа меѓународниот натпревар во кореографија „Икс Денс 2018“ на кој учествуваа балетски уметници и танчери од Русија, Италија, Турција, Украина, Велика Британија и Македонија.

Меѓународното жири ги оценуваше учесниците во неколку танцови дисциплини и возрасни категории. Главната награда беше Гран при, а победници беа Виолета Карајанова од Македонија и Ендрју Кук од Велика Британија (класичен балет, дуо) и ансамблот „Акварели“ од Тарко-Сале, Русија (естраден танц). Тие добија и парична награда од 1000 долари и оригинални охридски бисери од семејството Филеви.

Како специјална награда на „Икс денс 2018“, колеџот за кореографија во Киев, Украина, додели две целосни едногодишни стипендии на младите балетски уметници, Бојан Димовски и Мартина Димовска од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од Скопје.