Македонскиот планинар и планински тркач Александар Кирковски на 23 јули се искачи на највисокиот алпски врв Мон Блан (4810 метри надморска висина) од потешката и подолга италијанска страна на патеката. Брзинското соло искачување на планината, вклучувајќи ги качувањето и спуштањето ги реализираше за 9 часа и 58 минути.
„Во 3:50 часот наутро стартував ниско од подножјето на планината, во долината Вал Вени. Рутата е доста долга, 31 километар и 3 100 висински метри. Таа е потешка и помалку фреквентна од француските класични рути“, вели Александар.
За време на потфатот одел сам, а единствената логистичка поддршка ја имал пред домот Гонела на 3 070 мнв од страна на пријателите Петар и Димитар.
„Потешкотија ми претставуваше движењето ноќе на почетокот по големиот и необележан глечер Миаж, но и тешко ми беше да направам рамнотежа помеѓу брзината, потребната опрема и безбедноста. Во овие работи треба да се биде максимално прецизен при соло брзинските искачувања“, додава тој.
Врвот Мон Блан е највисок на Алпите и се наоѓа на границата помеѓу Франција и Италија. Планината почесто се искачува од француската страна, а класичната италијанска рута е првпат искачена во 1890 година. Еден од првите качувачи на оваа рута, Ахиле Рати, подоцна станал римски папа. Брзинското искачување на високи планини е понов тренд во светот, кој се практикува во последните 20-тина години.
За Александар ова е шесто успешно искачување на највисокиот алпски врв, а минатото лето постави најдобро македонско време на Мон Блан, искачувајќи го од француската страна за 6 часа и 26 минути до врвот и назад.
Акцијата е дел од програмата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, а во тимот покрај Александар се и Димитар Тодоровски и Петар Ивановски.
Текстот Македонски планинар се искачи брзински на Мон Блан е превземен од Reporter.mk.