Македонскиот режисер Милчо Манчевски се најде во жирито на Интернационалниот филмски фестивал во Хаинан, во Кина. Покрај него беа француската филмска ѕвезда Изабел Ипер и американскиот режисер Абел Ферара.
Фестивалот се одржа на кинескиот остров Хаинан, познат и како „Кинески Хаваи“. Овој фестивал почна да се одржува минатата година. На отворањето се најдоа филмските ѕвезди Џони Деп, Жилиет Бинош, Мадс Микелсен, Николас Кејџ и Џеки Чен, а на годинашното второ издание на црвениот килим прошетаа и холивудската ѕвезда Итан Хок, иранскиот оскаровец Асгар Ферхади, оперската дива Сара Брајтман и голем број азиски филмски и музички ѕвезди.
Филмските проекции се одржуваат на отворено во огромното гледалиште на една од најпознатите азиски плажи во градот Санја. Манчевски со останатите колеги ја оценуваа главната селекција од 13 меѓународни филмови, а наградата Златен кокос ја доделија на кинескиот филм „Балон“. Кинеските медиуми пренесуваат дека претседателката на жирото Изабел Ипер рече дека филмот е нејзино семејство и иако сите сме од различни култури и земји, сите сме обединети кога станува збор за уметноста, а Манчевски рече дека за еден филм единствено е важно да ти го допре срцето.
Манчевски е познат во Кина со неговите филмови. Во 2017 година за време на одржувањето на 20. издание на Филмскиот фестивал во Шангај, беа прикажани сите негови филмови, а беше дел и од жирито за главната награда на фестивалот.
На Универзитетот во Шангај, беше отворена и негова изложба фотографии и промовирана неговата книга која е издадена во Кина. Манчевски и Ипер по вторпат се среќаваат во Кина, отакако на фестивалот во Шагај во 2017 година тие заедно во улога на презентери на сцената ја објавија и главната филмска награда.
Минатиот месец Манчевски гостуваше и во Тајван, каде на филмскиот фестивал во Тајпеј беше промовиран неговиот најнов филм „Врба“.
Текстот Манчевски во жири на фестивал во Кина е превземен од Reporter.mk.