Мартин Мила: Живеевме од социјално, децата ми се смееја што од дождот се криев со ќеса за ѓубре

Рок-пејачот Мартин Србиновски, познат како Мартин Мила, со тага и многу емоции се сети на неговата мајка која почина пред 5 години. Тој се врати во детството и во статус на „Фејсбук“ раскажа како пред скоро 25 години неговата мајка немала пари да му купи шушкавец за дожд, оти живееле од социјална помош. Откри дека иако сите врсници носеле шушкавци за да не наврнат, мајка му еден ден дошла да го земе од училиште со црна ќеса за ѓубре преправена во шушкавец, а за да го заштити од дождот.

„Трето одделение, далечната 1994. Есен е, се разврна, а ние немавме ни чадорчиња ни шушкавац (барем така ги викавме во Куманово тогаш тие јакни шарени со капуљачи). Кога заврши последниот час, сите ко муви без глави тргнавме надвор каде имаше многу родители со чадори и такви шушкавци, ги чекаа децата да ги однесат дома зошто истураше. Мене ме чекаше мама, со чадор, но сепак накисната, веројатно од колите што ја прскале дур одела пешки. Само што се поздравив со другарите ја видов како се стрча накај мене со насмевка: ‘Леееле истура! Брзо облечи го ова’. Не видов дека носи чадор за мене. ‘Облечи го ова?’ Ги погледнав другарчињата како им ги облекуваат шарените шушкавци и знаев! МИ КУПИЛЕ ШУШКАВЕЦ! СЕГА И ЈАС ИМАМ ШУШКАВЕЦ! Иако не беа многу скапи тие јакни шарени најлонски со две дупки за раце и капуљача, за мене беа сон, зошто немаа моите, живеевме од социјално. ШУШКАВЕЕЕЦ! YES! Во тој момент на радост, мајка ми ме погледна, со некако тажен поглед и ми рече тивко: ‘Шшшшш, те молам не викај’ и извади од накиснатата торба една темна, голема ќеса за ѓубре. Ја отвори. Ќесата имаше исто така дупки. За главата и рацете. Ги погледнав сите другарчиња во тој момент. Некои ми се смееја, а некои ме покажуваа. Ги спуштив рацете и реков: ‘НЕ ГО НОСАМ ТОА!’ Таа ме зграби за рака, ме повлече, и во очите како да имаше солзи. ‘Престани, те молам’. Кога ја видов дека ѝ се тресат усните, ја спуштив главата и ги кренав рацете да ме облече во мојот шушкавец. Тргнавме кон дома на дождот. Цел пат бев лут! Кога ја погледнав, знаев дека тоа се солзи, а не дождот. Никогаш не ти реков, за тој ден, ТИ БЛАГОДАРАМ МАМО, што дојде и ме скри од дождот! И ИЗВИНИ, мноооогу извини, не знаев колку те болело и колку било тешко! Сега знам, ама сега е доцна. Ми недостасуваш. Премногу фалиш“, напиша Мартин.

Пејачот стана познат во јавноста во 2006 година кога беше еден од финалистите на музичкото шоу „М2“. Мартин сними многу песни и два албуми.

Текстот Мартин Мила: Живеевме од социјално, децата ми се смееја што од дождот се криев со ќеса за ѓубре е превземен од Reporter.mk.