Меланија Трамп по стапувањето на нејзиниот сопруг на должност на претседателското место на САД заработила илјадници долари на основа на договорот со фотоагенцијата „Гети имиџис“, според кој водечките медиуми индиректно му плаќаат на семејството Трамп, пишува Ен-би-њуз.
Неодамна објавениот финансиски извештај за претседателот Доналд Трамп открива дека првата дама во 2017 година заработила најмалку 100 000 долари од агенцијата „Гети имиџис“ за употреба на 187 фотографии од семејството Трамп направени во периодот меѓу 2010 и 2016 година.
Не е необично познатите личности да заработуваат на своите фотографии, но проблематично е кога тоа го прави сопругата на актуелниот претседател на САД. Уште попроблематично за многу медиуми е тоа што тие мораат да бидат објавени во позитивен контекст, наведува оваа американска мрежа.
Според соопштението за приходите на претседателот, заработката на Меланија Трамп во 2017 година изнесува меѓу 100 000 и милион долари.