Од септември веќе нема да се прикажува „Утринска на Телма“. Една од најпопуларните емисии кај нас, чии водители беа Марко Марк, Цеце Трајковска, Елена Вишка и Гоце Андреевски, ќе престане да се емитува по повеќе од три години. Веста дека менаџменот на телевизијата ја укинува утринската емисија предизвика неверување и бурни реакции во јавноста. Публиката е незадоволна, разочарана и на социјалните мрежи коментираат дека не е фер што најгледаната, најзабавна и најпозитивна емисија ќе престане да постои. Цеце, Гоце, Елена и Марко, пак, преку статус на „Фејсбук“ им се заблагодарија на сите гледачи, соработници и учесници во емисијата што беа со нив изминативе години, а кои секој ден се будеа и дружеа со „Утринска на Телма“. Велат, со тажно срце ја завршуваат нивната заедничка приказна.
„Со најтажно срце поради вас, нас, нашата љубов и конекција која ја создадовме единствено со душа и целосно уживање, мораме да соопштиме. Најдраги наши пријатели, другари, почитувачи на нашата работа и на сето тоа што го правевме во изминатите 3 години сакаме да ве известиме дека ‘Утринска на Телма’ од септември нема да оди во етерот. Причините се познати на менаџментот и управата на Телма телевизија.
Како и да е, сакаме да ви заблагодариме за целата поддршка и љубов што постојано ја добивавме од вас. За сите заеднички кафиња наутро, за целата прекрасна енергија која взаемно си ја праќавме, за насмевките и убавините поминати во 4-часовното шоу во живо. Ние ќе наздравиме за сите вас, ќе ви посакаме да сте и понатаму така прекрасни и среќни, а со нас се гледате во некоја друга форма без разлика дали телевизиска или поинаква.
Со почит и многу љубов вашите утринци: Елена, Гоце, Марко и Цеце.
П.С: секако, огромна благодарност и до целиот тим што работеше зад камерите, во монтажа, во режија и гостите кои безрезервно и со цела душа и енергија доаѓаа во нашата емисија“, стои во статусот на нивната фејсбук-страница.
„Утринска на Телма“ почна да се емитува во април 2016 година. Изминатите три години во емисијата гостуваа многу глумци, музичари, јавни личности, доктори, луѓе со интересни приказни и хобија кои ги раскажуваа на гледалите. Публиката постојано ја фалеше нивната позитивна енергија. Па, откако водителите објавија дека емисијата е укината, добија силна поддршка и од колегите новинари и од јавните личности кои им посакаа пак да ги видат заедно на некоја друга телевизија и во некоја друга емисија.
Телевизијата Телма освен „Утринска на Телма“ ќе го прекине и прикажувањето на емисијата за бебиња „Ом+“ на водителката Марија Атанасовска.
Текстот Менаџментот ја укина „Утринска на Телма“ е превземен од Reporter.mk.