Актерката и пејачка Оливија Њутн-Џон (70) откри дека ракот на дојката ѝ се вратил третпат. Таа во моментов е во четвртата, последна фаза од болеста. Во интервју за емисијата „60 минути Австралија“ Оливија со солзи зборува за животот што го води по последната дијагноза, откако лекарите ѝ кажале дека овој пат не постои начин да ја победи болеста, но и за нејзината решителност да остане насмеана и среќна, колку и да ѝ е тешко.
„Кога ќе добиете дијагноза карцином или каква било застрашувачка дијагноза одеднаш добивате ограничено време за живот. Ако некој ви каже дека имате уште шест месеци, толку веројатно и ќе живеете, бидејќи сте поверувале во тоа. Затоа, за мене, психолошки, подобро е да немам поим што очекуваат лекарите или колку долго живеела последната личност со таква дијагноза. Затоа не сакам да знам“, рекла Оливија во интервјуто.
На популараната Сенди од „Брилијантин“ првпат ѝ е откриен рак на дојката во 1992 година. Потоа, повторно во 2013 година. Сега, кога ракот пак се вратил, Оливија вели дека зема масло од канабис кое ѝ помага со болките.
„Мислам дека канабисот многу помогна. Ако не ги земам капките, чувствувам болка, така што знам дека има ефект“, додала таа.
Во моментов Оливија прави сè што може за да им помогне на другите жени. Таа неодамна организирала аукција со некои свои сувенири од „Брилијантин“, вклучувајќи го и кожениот костум што го носеше на снимањето на легендарниот филм со Џон Траволта.
„Многу сум среќна што го поминувам ова веќе третпат, но сè уште сум тука. Живеам со тоа. Сега секој ден ми е подарен“, рекла таа.
Текстот На Оливија Њутн-Џон ѝ се врати ракот, пејчката се бори со најтешката фаза од болеста е превземен од Reporter.mk.