Скоро две години по смртта на кралицата на ромската музика, Есма Реџепова-Теодосиевска, нејзините посвоени деца и внуците од нејзините сестри и браќа пак се испокараа за наследството. По последните обвинувања од внуците на Есма, нејзиниот посвоен син Симеон Атанасов јавно демантира дека гробот е запуштен по негова вина, а Реџепови ги обвини дека не ја испочитувале желбата на Есма да биде кремирана. И во изминатиот период тие јавно се караа преку социјалните мрежи, го оспоруваа тестаментот, се обвинуваа меѓусебно за кражба на нејзиниот музеј и за запуштениот гроб, кој и по две години нема надгробна плоча, туку е покриен само со земја.
„Од мое лично име и од името на сите деца што биле школувани и одгледани од Есма и Стево Теодосиевски, сакам да ја демантирам веста дека ниеден од нас не се заинтересирал за гробното место на нашата мајка. Уште после 40 дена од нејзината смрт, лично јас сакав да го направам споменикот, но наидов на голем отпор од страна на нејзините внуци, поточно Реџепови, со зборовите: ‘Кој си ти да правиш нешто? Ние сме Реџепови, ти си Атанасов и немаш право на ништо’. Брутално бев тргнат на страна од се. Како доказ дека се беше подмирено за закопот во Бутел од моја страна, ви ги доставувам сите фактури. Реџепови ги оспоруваат двата тестамента кои ги остави Есма. Едниот е за куќата во кој државата се јавува како наследник, а другиот е за авторските права во кои наследник сум јас. Сите последни желби на Есма тие не ги испочитуваа, а една од нив беше таа да биде кремирана. Ги молам државните институции да ја преиспитаат оваа нечовечка глупост која ја прават таканаречените Реџепови“, напиша на својот статус Симеон, еден од посвоените синови на Есма.
Есма почина на 11 декември 2016 година, на 73-годишна возраст, откако беше однесена во болница во лоша состојба, со висок шеќер и висок притисок. Таа во својот живот одгледа 47 деца, а позната е и по големиот број хуманитарни акции. Есма пееше 55 години. Учествуваше на врвни музички фестивали и манифестации низ светот. Беше музички амбасадор на Македонија во светот. За време на својата кариера Есма Реџепова-Теодосиевска има одржано повеќе од 12.000 солистички концерти во Република Македонија и надвор од неа.
По една година од смртта на Есма, јавноста реагираше на запуштениот гроб
Текстот Наследниците на Есма пак се испокараа за наследството е превземен од Reporter.mk.