„Не требаше да го играм Марио“, Васил Зафирчев пред вечерашната „Преспав“

Васил Зафирчев, кој го глуми ликот на Марио во „Преспав“, вели дека случајно ја добил улогата на харизматичниот готвач, кој е и еден од омилените ликови во серијата. „Јас отидов на аудиција за друг лик, но продуцентите ми дадоа да го прочитам и ликот на Марио“, откри тој неодамна во интервју за „Репортер“.

Во пресрет на четвртата сезона, што ќе почне да се емитува вечерва на МРТ1, Васил вели дека снимањето на хит-комедијата е секогаш забавно, но и многу напорно, оти се снима по една емисија на ден.

„Многу ми е драго што Марио е еден од ликовите што го сакаат повозрасните, а особено децата. Снимањето колку што е интересно, истовремено е и тешко и интензивно. Снимаме по една епизода дневно, а јас на сет секогаш доаѓам подготвен и не ми се случува да ги заборавам репликите. Мило ми е што ние глумците, но и целата екипа, успеавме да направиме една мала ‘Преспав’ фамилија. Ретко може да ви се случи во театар или на филм да имате една таква екипа со која одлично се познавате и која е секогаш тука за вас“, ни раскажа Васил.

Новата сезона на „Преспав“ има 20 епизоди, а ќе има и специјална новогодишна емисија. „Се надевам дека ќе имаме и петта, но и многу други сезони“, рече Васил во интервјуто.

 

Текстот „Не требаше да го играм Марио“, Васил Зафирчев пред вечерашната „Преспав“ е превземен од Reporter.mk.