Не заспивајте гладни со вашите деца, да го поделиме тоа што го имаме – Панчо и Андреј понудија помош на ранливите семејства

Панчо и Андреј од ДНК и за Велигден решија да им помогнат на луѓето од социјално ранливите категории. Тие преку „Фејсбук“ ги повикаа сите оние на кои им треба храна за празниците да им пишат. Велат, предност имаат самохраните родители, оти не сакаат децата да си легнуваат со празен стомак. Иако периодов и тие немаат настапи, а примањата им се намалени, сакаат да дадат дел од тоа што го имаат на луѓето на кои им треба помош. Панчо вели дека ова не го прави за да го пофалат или за публицитет, туку оти мајка му го воспитала дека треба да помага.

„Знам дека ситуацијата за многу семејства е многу тешка, поготово овој и наредниот месец кога се очекува да ескалира. Ако не работите, нормално е да немате никаков прилив и финансиски средства, а со тоа и да немате како да купите основни намирници за дома. Ве замолувам да не се срамите и да одите со празен стомак на спиење вие или не дај боже вашите деца. Предност нека имаат самохраните родители. Пишете ми. Некогаш и јас сум барал, а во тоа нема ништо срамно. Срамно е да крадеш, лажеш и манипулираш со луѓе. Да не се сфатиме погрешно, и јас сум затекнат од целата ситуација и моите примања се комплетно скратени, но тоа малку што го имам би сакал да го поделам со некој од вас кому навистина му е потребно. Така сум воспитан и тоа ми е оставено како аманет од мајка ми,“ напиша меѓу другото Панчо на Фејсбук.

Освен што сакаат да помогнат, Андреј и Панчо ги повикаа и нивните пријатели и фанови, семејства кои имаат повеќе, да им дадат на тие што навистина немаат, а не знаат како да ја пребродат кризата.

„Тие што се во можност нека одделат малку храна од нивната трпеза, домашна кошничка и нека го споделат постот, да им подадат рака на нашите сограѓани на кои во моментов тоа им е најпотребно. Ова ќе помине како што дојде, а наше е да останеме луѓе, да бидеме сплотени и обединети кога е најпотребно, а чинам тој момент е сега“, додава Андреј.

Панчо и Андреј во јавноста се познати по хуманите дела. Често донираат за семејства од ранливи категории, а тие беа и првите јавни личности што лани одвоија средства за пошумување на изгорената шума кај езерото Младост во Велес.

Текстот Не заспивајте гладни со вашите деца, да го поделиме тоа што го имаме – Панчо и Андреј понудија помош на ранливите семејства е превземен од Reporter.mk.