Брачно-музичката двојка „Силви бенд“ на 5 октомври во „Сули Ан“ во скопската чаршија ќе го изведат мјузиклот „Ромален“. Мјузиклот ги содржи најубавите ромски песни и го опишува темпераментот на Ромите, вели Силви за „Репортер“. Силви и Влатко првпат го изведоа „Ромален“ лани, а потоа со мјузиклот играа низ цела Македонија.
„Јас и Влатко на нашите настапи постојано пееме ромски романси. И секогаш доаѓаше некој од публиката да нè праша зошто не снимиме албум со ромска музика. Слушајќи го пулсот на публиката заедно со Влатко го осмисливме овој проект кој има 13 песни, меѓу кои и ‘О џила’, ‘Очи чорније’ и други. Заедно направивме приказна за ромскиот живот и слично на ‘Коштана’ вклучивме тажни, весели, страстни песни, кои го опишуваат темпераментот на мојот народ“, ни раскажа Силви.
На сцената освен Влатко и Силви и оркестарот, ќе се појават и 15 танчери.
„Сања Шутевска направи преубава кореографија што потполно се вклопи во целата приказна. Се надевам дека во петок во ‘Сули ан’ ќе дојдат вистинските вљубеници на добрата музика и ќе уживаат во ‘Ромален’ исто како што уживаа во ‘Коштана’“, додаде таа.
Мјузиклот ќе биде изведен во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“, а со почеток во 20 часот.
А. Јовановска
Текстот Пеам за Ромите оти тоа е мојот народ е превземен од Reporter.mk.