По скандалот со американскиот комичар Кевин Харт, заради неговите стари хомофобични изјави на „Твитер“, Академијата за филмска уметност и наука одлучи дека никој нема да го води 91. издание на наградите „Оскар“. Овојпат, наместо еден главен водител, ќе има неколку презентери, пишува „Варајати“. Кои ќе бидат презентерите на доделувањето, сè уште не е познато.
Откако во јавноста се појавија старите коментари со кои Харт ја навредува ЛГБТ заедницата, Харт изјави дека нема да ги води Оскарите. Тој рече дека нема зошто да се извинува, но во официјалната изјава го смени мислењето.
„Решив годинава да не ги водам Оскарите бидејќи не сакам да го ‘украдам’ фокусот од талентираните луѓе, на кои им се наменети овие награди. Патем, искрено ѝ се извинувам на целата ЛГБТК-заедница поради моите бесчувствителни зборови од минатото“, напиша тој на социјалните мрежи.
Освен промената со главниот водител на Оскарите, Академијата реши преземањето на поединечни награди да биде претходно снимено и потоа прикажано во време наменето за реклами, со што целата церемонија ќе трае точно три часа, а сите „здодевни” делови ќе бидат отсечени.
Доделувањето на наградите „Оскар“ е закажано за недела, 24 февруари, а номинациите треба ќе бидат познати за помалку од две недели. Според критичарите, најголем фаворит за освојувањето „Оскар“ е филмот „Ѕвездата е родена“.
Текстот По скандалот со Кевин Харт, Оскарите нема да имаат водител е превземен од Reporter.mk.