Легендарниот фински ски-скокач Мати Никенен почина вчера во Лапенранта, на 55 години. Важеше за еден од најголемите натпреварувачи во историјата на скијачките скокови. Роден во Јиваскила во 1963 година, а на ски-скокалниците доминираше од 1980 до 1990 година.
Никенен четири пати беше победник на Светскиот куп, а двапати ја освојуваше традиционалната новогодишна турнеја „Четири скокалници“, во 1983 и во 1986 година. Во кариерата освои 46 златни медали и имаше уште 76 пласмани на пиедесталите. Освои четири медали и на Олимписките игри. Од натпреварите во скијачки скокови се повлече во 1991 година.
Никенен, кој беше и музичар, има издадено три албуми. Според финските медиуми, еден ден пред смртта тој настапувал со својот бенд во ресторан и бил одлично расположен.
„Шоуто мина одлично, а Мати имаше огромна енергија. Во шок сме од веста дека починал“, рекла Еиа Нутинен, сопственичката на ресторанот.
Причината за смртта на Никенен не е откриена, а финските медиуми пишуваат дека најверојано починал од дијабетес, болест што му беше откриена неодамна. Филнскиот ски-скокач беше во брак со Мерви Тапола, и има две деца, Сами и Евелина Никенен.
Текстот Почина легендарниот ски-скокач Мати Никенен е превземен од Reporter.mk.