Почина актерката Љупка Арсова Џундева, доајен на македонското глумиште. Македонскиот народен театар ја сподели веста за смртта на актерката Џундева, нарекувајки ја тивката дама на македонското актерство.
„Џундева, 1934-2018), секогаш со гордост истакнуваше дека припаѓа на втората генерација актери на некогашната Висока театарска школа, а со тоа е дел од создавањето на поновата историја на театарската уметност во Македонија. Нејзиниот ентузијазам и копнеж по театарската сцена, но и нежниот и милозвучен карактер, безвременска убавина, романтична појава и жесток став во негувањето на звучниот мајчин јазик ја направиле миленичка на театарските режисери, но и на широката театарска, филмска и телевизиска публика. Во Македонскиот народен театар работеше во текот на целиот свој професионален живот од 1951 до 1990 година, кога замина во пензија. Нејзината последна улога на сцената на МНТ беше во 2015 година, како Марина во претставата „Вујко Вања” од Чехов во режија на Зоја Бузалковска. Љупка знаеше да каже дека треба да се најде мирот и љубовта кон луѓето, и колку што е можно човек треба да му се радува на животот. „Ние сме многу малку гости на овој свет”, знаеше нашата Буба. „Човек треба да се научи прво да си ги прости своите грешки самиот на себе, а потоада ги прости и на другите. Кога ќе простиш, ќе го најдеш својот мир и ќе се ослободиш”, стои во објавта на МНТ.
Текстот Почина Љупка Арсова Џундева, тивката дама на македонското глумиште е превземен од Reporter.mk.