На 75-годишна возраст ноќеска во Скопје почина театарскиот, филмски и телевизиски актер Мите Грозданов.
Изминативе години беше активен во монодрамата, поставувајќи ги двете дела „Црв“ во Драмски театар и „Од инат поинат, за инат“ за што знаеше да рече: „Во неколку наврати сум го објаснувал тој феномен. Монодрама може да играат само големи актери. Свет за себе ќе биде ако не знаеш што да правиш со себе. Никогаш не работи монодрама ако преку претставите кои ги играш, заедно со колегите, се си и кажал на публиката за она што сака умот и душата да каже. Но ако имаше покрај претставите уште нешто што те мачи или радува тогаш работи голем актер-тогаш работи голем актеру -преку монодрамата доискажи го она што го мислиш. Светот сам за себе ќе стане општ и ќе се радуваме заедно, зашто и монодрамата не може сама-треба публика!“.
За монодрамата по стихови на Ацо Шопов, Дрво на ридот , тој станува добитник на Сребрената медалја на фестивалот на монодрама и пантомима во Земун. Од неговите награди да ги споменеме и оние на весникот односно ревијата Млад борец и Екран. Но, иако досега неколку пати е номиниран и предложен за наградите 13 Ноември и 11 Октомври, тој не успеа да се закити со нив.
Играл во повеќе театарски претстави, Јане Задрогаз, Болва в уво, Солунски патрдии, Рибарски караници, Мајка, Грдиот Нарцис, Војцек, Тигар, Подбивна среќо моја, Зојкиниот стан, Татко, Собирен центар, Самоубиец, Од првиот здив, Вазна од порцелан.
Текстот Почина Мите Грозданов, бардот на македонското глумиште е превземен од Reporter.mk.