Очекувањата на фановите низ цел свет ќе бидат многу високи кога вечерва, по речиси две години пауза, стартува осмата сезона на „Игра на тронови“, која стана културен феномен.
Базирана на серијалот книги „Песна за мраз и оган“ од Џорџ РР Мартин, „Игра на тронови“ донесе змејови, живи мртовци, џинови, голотија, мистицизам, но таа во исто време е и сложена семејна, политичка и воена драма, во којашто ниту еден лик не е сигурен.
Смртта на еден од главните ликови Нед Старк уште во првата сезона го насочи целиот карактер на серијата
Сагата на Ејч-Би-О е најблиску што телевизиската продукција некогаш дошла до блокбастер и само новата сезона е снимена со буџет од 90 милиони долари.
„Огромниот број ликови во ‘Игра на тронови‘ го надминува сето она што досега е направено во телевизиската историја. И некои други серии имаа многу ликови, но никогаш вака продлабочени. Како резултат на тоа, добивате дејство кое е многу разгрането и сето тоа проследено со насилство, кое се сфаќа како нешто нормално“, вели Лиса Вулфорк, професор по англиска литература на Универзитетот Вирџинија. Првата епизода на „Игра на тронови“ е емитувана на 17 април 2011. Серијата се прикажува во 207 држави и територии.Првата сезона имаше во просек 9,3 милиони гледачи во САД, а седмата – 32,8 милиони.
Осумте сезони се снимани во 10 држави: Северна Ирска, Република Ирска, Мароко, Малта, Шпанија, Хрватска, Исланд, САД, Канада и Шкотска. Во Северна Ирска се користени дури 49 локации.
Во првите седум сезони, серијата имаше 132 номинации за Еми (47 освоени) и седум за Златен глобус (една победа).
Осмата сезона ќе има само шест епизоди, но четири од нив ќе траат по 80 минути.
„Тешко е да се опишат емоциите кои ги чувствувам на крајот на серијата, во која бев од мои рани 20-ти години. Тука создадов некои и моите најблиски пријатели, ја запознав идната сопруга. Не знам што носи иднината, но едно време не сакам да играм херои“, вели Кит Харингтон (Џон Сноу), еден од оние кои серијата ги вивна во големи ѕвезди.
Текстот Почнува финелто на „Игра на тронови“, блокбастер кој ја смени телевизијата е превземен од Reporter.mk.