Во Битола вечер свечено ќе биде отворен 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, на кој до затворањето идната сабота под фестивалскиот слоган „Симнуваме капа“ ќе бидат прикажани 95 филма во 14 програми.
Ѕвезди на годинашниот фестивал се британскиот кинематогафер и оскаровец Роџер Дикинс, познат по соработката со браќата Коен, кому ќе му биде врачена „Златна камера 300“ за животно дело, и италијанската филмска дива со светска кариера Клаудија Кардинале, која во Битола ќе ја прими специјалната награда „Златна камера 300“. Актерката Милица Стојанова, пак, е лауреат на „Големата ѕвезда“ – награда што ја доделува Друштвото на филмските професионалци на Македонија.
Фестивалот ќе почне со сценско-музичко-поетски перформанс во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, а по свеченото отворање ќе бидат прикажани новиот краток игран филм „Љубовникот“ на Игор Иванов-Изи и „Истребувач 2049“ во чест на кинематограферот-лауреат Дикинс, кој токму за овој филм го доби „Оскарот“ по 13 номинации. Во чест на Клаудија Кардинале, на втората фестивалска вечер ќе биде прикажан филмот „Благородни лаги“.
Во главната програма за трите награди „Камера 300“ (златна, сребрена и бронзена) за најдобар кинематографер годинава ќе се натпреваруваат 12 филма по избор на селекторот Благоја Куновски-Доре: „Транзит“ (Германија); „Студена војна“ (Полска); „Зимски муви“ (Чешка); „Лето“ (Русија); „Ага“ (Бугарија); „Горење“ (Јужна Кореја); „Фокстрот“ (Израел); „Нико“ (Италија); „Пепелта е најчисто бело“ (Кина); „Недвижен имот“ (Шведска), „Девојка“ (Белгија) и хитот во САД, „Црниот кју-клукс-клановец“ на Спајк Ли.
Сите биле во компетитивните програми на трите најголеми фестивали Кан, Берлин и Венеција и еден од Карлови Вари. Одлуката за трите награди ќе ја донесе петчлено меѓународно жири.
Покрај познатите филмски програми (Документарни, Кратки филмови, Перспективи на европскиот филм, МК поинт…) годинава ИФФК ќе има и нова програма – „Полноќен јавач“ со полноќни проекции на филмски класици – мајстори на хоророт.
Фестивалот на 29 септември ќе заврши со доделување на наградите од главната програма, а за затворањето ќе биде прикажан краткиот филм „Скаут“ на македонскиот режисер Алекс Цветков, кој живее во САД.
Плакатот за 39-тото издание на фестивалот, со слоганот „Симнуваме капа“ (Hats off), е креативно решение на маркетинг-агенцијата „Меккен Скопје“ и инспирирано од безвременските капи на браќата Манаки и градот во кој живееле и твореле. Капите лебдат врз еден препознатлив објект во Битола (Завод и Музеј), а пораката е благодарност за нивната работа и за сите што придонеле во градењето на фестивалот во изминатите речиси четири децении.
Текстот Почнува ИФФК „Браќа Манаки“, 12 филма во трка за наградите „Камера 300“ е превземен од Reporter.mk.