„Под лажно име отидов во Венеција да го освојам Златниот лав“ – 25 години од премиерата на „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

Вчеравечер во Кинотеката на Македонија свечено беше одбележана 25-годишнината од премиерата на „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, најуспешниот филм во македонската кинематографија. На свеченоста Манчевски откри дека до последен момент не знаел дека ќе ја добие наградата „Златен лав“ на фестивалот во Венеција, но и дека дошол да ја земе наградата под лажно име. Гостин на вчерашната прослава беше и Раде Шербеџија, главниот глумец во филмот, дел од екипата – Петар Мирчевски, Мето Јовановски, Александар Микиќ, Нино Леви и Сузана Киранџиска, но и претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска.

„Едно утро ми се јави една жена од фестивалот и ми рече дека треба да се вратам во Венеција зашто ќе добијам награда. Ја прашав – добра? Ми рече – мислам дека ќе ти се допадне. Ме праша под кое име ќе дојдеш во Венеција, оти не може под твоето за да не дознаат новинарите дека си тука и да објават пред фестиваот дека си добил награда. Ми текна на името Васко, по еден братучед кој неодамна беше починал. А презиме – ме праша таа. Е не знам презиме, ѝ реков. Ме праша може ли Гонзалга. Ѝ реков може. И така кога дојдов во Венеција на аеродромот ме чекаше човек со табла на која пишуваше Васко Гонзалга. До почетокот на церемонијата за награди не знаев дека сум добил Златен лав. Тоа е една приказна за името и идентитетите“, раскажа Манчевски.

Говор одржа и Шербеџија, кој му се заблагодари на режисерот што ја напишал главната улога токму за него.

„Во тоа време ‘Пред дождот’ за мене беше спас. Јас тогаш живеев во Лондон и кога се запознавме, после кастингот кога ја добив улогата, Милчо ми рече дека ја пишувал баш за мене. Го прашав како за мене кога не ме ни познава. Ми рече дека уште од дете ги гледал сите мои филмови и дека Живојин Павловиќ е неговиот омилен режисер. Таа интима, тоа што го има во неговите филмови е таму оти тој ги создавал тие дела уште од дете, а тоа го прави голем автор. И сите тие големи режисери и глумци, од Стенли Кјубрик до другите големи со кои после работев, сите ми имаат кажано дека ‘Пред дождот’ е еден од најдобрите филмови што го виделе. Сакам да му кажам фала на Милчо што бев дел од неговиот сон“, рече Шербеџија на свеченоста.

Истовремено, беше промовирана мапа со репродукции на постерите што беа користени при светската дистрибуција на филмот. Мапата содржи репродукции на постерите триесетина земји.

Текстот „Под лажно име отидов во Венеција да го освојам Златниот лав“ – 25 години од премиерата на „Пред дождот“ на Милчо Манчевски е превземен од Reporter.mk.