На десет годишнината од формирањето на модниот бренд „Драма“, дизајнерката Ивана Кнез, наместо да слави јубилеј, го затвори студиото. Тоа што денес е успешна модна приказна, Ивана го почна како бегство од реалноста и обид да излезе од депресијата во која се наоѓала.
„Се сеќавам дека од дома немав излезено 3 месеци. Еден ден, на другарка што дојде да ме види ѝ реков: ‘Еве, правам некои ѓердани за да не полудам’. Кога го изговорив тоа конечно си признав дека сум во депресија и дека ми треба помош. Знаеш, луѓето што се во депресија не го кажуваат тоа гласно, туку страдаат. Душата ги боли. Затоа сум гневна што ни општеството ни моите не ме подучија дека е во ред да отидеш на психолог и да побараш помош“, раскажува Ивана.
Од „Драма“, се роди и идејата за накитот со лик на мачка, по кој е препознатлива Ивана. Подеднакво препознатливи се и нејзините модни креации. Во нив секогаш има малку театралност, затоа што по професија таа е дипломиран костимограф. Но, нејзините модели не се секаде прифатени исто. „Во Франција се воодушевуваа на парчињата што ги дизајнирав, во Македонија ми велеа: ‘Цркни, за ништо не те бива’“.
Иако не е среќна кога ќе чуе лоши работи за себе, негативните коментари не ја обесхрабруваат. Ни откри дека креира и за дамите во странство, а дека најскапиот фустан го продала за 7.000 евра. Раскажа и интересна приказна за тоа како ѝ понудиле да биде личен стилист на жена на шеик во Абу Даби. Има свое мислење и за инфлуенсерките на „Инстаграм“. Но и за тоа дали Македонките имаат стил, каква е модата кај нас, за мажите што бараат модни совети од неа, за кампањата „Јас сум љубов“ што ја промовира во цел свет и зошто по 10 години реши да ја затвори „Драма“… гледајте го интервјуто.
Андријана Јовановска
Текстот „Правев ѓердани за да не полудам“, искрено со Ивана Кнез за депресијата е превземен од Reporter.mk.