Принцот Хари тргна по стапките на неговата мајка принцезата Дајана, чекорејќи низ исчистено минско поле во Ангола. На тој начин принцот сака да повика на меѓународни напори за чистење на мините од сливот Окаванга во земјата, каде е останато оружјето по завршувањето на граѓанската војна.
Принцезата Дајана во 1997 година го сврте вниманието на светот кон себе, на идентичен начин чекорејќи низ минско поле. Сега војводата од Сасекс по 22 години од херојскиот обид на неговата мајка, го повтори истото, сакајќи да укаже на заканите кои ги претставуваат нагазните мини.
Додека Хари чекореше низ поранешната артилериска база во близина на градот Дирико, кој се наоѓа на југоистокот во земјата, на себе носеше оклоп. Тој чекореше низ полето, а беа направени и контролирани експлозии со цел да се уништат нагазните мини.
Хари добил безбедносни упатства, а во својот говор, војводата изјавил дека здружението Хало Труст им помага на заедницата да го пронајде својот мир. Истото здружение ја следело и неговата мајка Дајана, додека таа била во посета на Ангола. Тие му го покажале местото каде чекорела неговата мајка.
Противладините сили во 2000 година, кога се повлекле од базата, го минирале тоа подрачје и од тогаш здружението се обидува да го направи подрачјето безбедно и да го исчисти од сите мини.
„Нагазните мини се белег на војната. Со чистењето ќе можеме да и помогнеме на заедницата да го пронајде мирот. А со мирот доаѓаат и шансите. Со тоа можеме да ги заштитиме разноликоста и малкуте видови на животни кои успеале да преживеат“, изјавил Хари.
Принцот ја повика меѓународната заедница на чистење на мините од ова место, каде владеела граѓанска војна во периодот од 1975 до 2002 година. Ангола е земја која важи за една со најголем број на минирани места во светот.
Текстот Принцот Хари по стапките на Дајана чекореше низ минско поле е превземен од Reporter.mk.