Фановите на поп-ѕвездата Тоше Проески денес го прославуваат денот на неговото раѓање, 25 јануари. И единаесет години по неговата смрт, тие од сите страни на Балканот дојдоа во Крушево, на Гумење, за да му оддадат почит на починатиот пејач. Пристигнаа од Хрватска, Словенија, Србија, Бугарија, од сите делови на Македонија. Со солзи во очите и многу емоции се сеќаваат на Тоше, ги пеат неговите песни, раскажуваат за спомените што ги врзуваат за големата музичка ѕвезда што почина на 16 октомври 2007 година во Нова Градишка, Хрватска.
Една од работите по што ќе остане запаметен Тоше е неговата дружба со речиси сите познати личности од естрадата. На денот на неговото раѓање решивме заедно со познатите, оние што се дружеа со него, да се потсетиме на некои убави моменти по кои тие ќе го паметат. Секој на свој начин ја сподели својата приказна за „Репортер“
Се изгубивме во Австралија, раскажа Ребека
„Да бидам искрена, откако загина Тоше, првпат давам изјава“, вели во разговорот пејачката Ребека, која беше една од блиските пријатели на Тоше. „До сега никогаш не сум зборувала јавно, а бевме многу блиски зашто јас едно време бев дел од продукциската куќа ‘Фајнл кат’ на Љиљана Петровиќ. Анегдоти има многу, ама еве ќе се присетам на некои. Трипати бевме во Австралија на турнеја, двапати сами и еднаш со повеќе колеги“, раскажува Ребека. „ И тоа беше нешто што не се заборава. Тргнавме за Австралија и 36 часа бевме во авион. Јас, нормално, обув штикли, и тоа 12-ка штикла на толку долг лет. Тој седи до мене. Ме гледа во нозе, па ми вели: ‘А бе Ребека, те болат ли штиклите?’. Цел лет се шегуваше за тоа и не можеше да се начуди како издржувам“, се присетува Ребека на времето кога во 2004 година настапувале во Австралија.
Таа раскажува дека кога биле во Австралија за 10 дена летале 13 пати со авион, од град во град, од настап на настап.
„Од авион во хотел, од хотел на сцена. Леле, еднаш, штотуку слетани, бргу секој во својата соба за да се средиме за настап. Ми ѕвони телефон. Ете го Тоше од соседната соба. ‘Ребека, во кој град сме денес?’ Му велам: ‘Леле, ни јас не знам. Ние сме биле во Мелбурн, ама од толку летање веќе не знаевме каде сме, бевме како изгубени“, раскажа Ребека за „Репортер“.
Арнаудова: Со татко ми и Тоше на смеење до солзи, денес и двајцата ги нема
И Кристина Арнаудова го чува во спомените. За „Репортер“ вели : „Тоше ќе го паметам по многу работи, ама има една случка за која сум емотивно врзана. Еден ден требаше да тргнам за Струмица на промоција на албумот татко ми Гоце, кој пред да тргнам ми се јави и ми рече: ’Ајде, јави му се и на Тоше да дојде на промоција, ќе ми биде кеиф’. Му се јавив, а Тоше во истиот момент тргна, ме зема и со уште двајца наши другари заминавме за Струмица. Ми рече дека му е чест што Гоце го кани на промоција. Поминавме преубава вечер, а по тоа на журка. Пеење, смеење… таков ќе го паметам. Оваа слика е од промоцијата на албумот на татко ми. Оваа вечер е една од моите најубави спомени, а денес и двајцата ги нема.
„Го сакаш ли, размисли уште еднаш“, Весна раскажа за случката пред свадба
Последното интервју, ден пред да загине, Тоше го имаше во емисијата „Вртелешка“ кај актерката Весна Петрушевска. Таа и денес, по 11 години, емотивна.„Го паметам утрото кога ми се јави една новинарка. Цел живот ќе го паметам. Мислев дека е некоја грешка, а по еден час, веќе ништо не беше исто. Најстрашната работа е што ја имав ексклузивата за последното интервју…Ужас“, раскажува Весназа „Репортер“. Таа се сети на времето кога се спремала за свадба. Вели со Тоше се возеле во неговиот автомобил. „Се сеќавам на еден ден кога се возевме во неговиот автомобил. Јас бев пред мажачка. Видно возбудена. Бевме во автомобил и на цел глас пеевме. Јас видно возбудена. Одеднаш ме праша ‘Мислиш ли дека те сака?’ Знаеше дека треба да живеам на ‘Рузвелтова 3’ и сакаше да помине да го види станот. Во него имаше мајстори. Разговараше со нив, се смееше…Потоа продолживме со автомобилот. Ми вели ‘Знаеш што бејби, нас никогаш нема да нè сакаат такви какви што сме, нас нè гледаат како готово пакетче, орден, нешто со што сакаат да се пофалат. Никогаш нема да знаеш зошто некој со тебе. А ти го сакаш ли?’ Му велам: ‘Да’. Се сврти мангупски и се насмевна ‘Кога немав ни за леб, немав никого освен моите. А сега кога се враќам подновен, сите се околу мене. Да размислиш уште еднаш пред свадбава’. Ама, му велам, ако треба да размислам уште еднаш, треба да чекам, па трошоци, па свадба, сè е закажано. Пукнавме од смеење. Поминаа толку години и си велам ‘Биваше ли бејби да си толку во право“, раскажува Весна.
Десет души дојдоа да нè тепаат за девојка во интернатот, се сеќава Маријан Стојановски
Со Маријан Стојановски се другари и од Крушево и од средношколските денови во Битола. Во разговорот за „Репортер“. тој вели : „За Тоше ме врзуваат многу спомени. Заедно се запишавме во средното музичко училиште во Битола па во прва година секој ден по часови одевме на автобуската во Битола и ги гледавме автобусите како тргнуваат за Крушево. Ни беше тешко на двајцата, првпат одделени од домот. Разговаравме дека едвај чекаме да завршат тие четири години за да се вратиме дома, кај нашите. Тогаш немаше мобилни телефони, па навечер одевме во пошта, во говорница, за да им се јавиме дома“, раскажа Маријан. „Со него секогаш беше забавно. Се сеќавам кога запознавме една преубава девојка која тогаш учеше во медицинското училиште. Таа живееше во интернатот во Битола. Една вечер, недолго откако се запознавме, бевме кај неа, а во интернатот дојдоа десетина момчиња кои нè бараа за да нè натепаат. Фрлаа по интернатот со камења, едвај извадивме жива глава. Подоцна дознавме дека момче на кое му се допаѓала девојката дошло да нè натепа, сакал да нè предупреди да не ѝ се приближуваме. Најинтересно е што ни таа не знаела дека му се допаѓа на типот“, се присети Марјан Стојановски.
11 години во сеќавањата на Каролина
„Неверојатно ми е дека поминаа 11 години и секое сеќавање на него ми е поврзано со музика затоа што Тоше беше човек-музика, пееше во секој момент, насекаде, која песна и да ја отпееше ја правеше посебна и негова“, вели Каролина, со која ја отпеаја заедничката „Немир“. „Драго ми е што во Македонија верно се чува споменот на него, и по толку години често го слушаме. Тоше остави толку многу совршено изведена музика за толку кратко време“, ни рече Каролина .
Андријана Јаневска: И денес го паметам шармот од нашата прва дружба
„Тоше го запознав во 1997 година на ‘Макфест’. Веќе следната година, кога и јас дебитирав на ‘Скопје фест’, почна нашата дружба“, ни раскажа Андријана Јаневска. „ Ми беше чест што бев прв гостин на неговиот прв концерт во неговата богата кариера, кога во дует ја испеавме I want to spend my lifetime loving you. Секогаш насмеан, позитивен, харизматичен, шармантен – тоа сите го знаат. А она што го знам само јас засекогаш ќе остане длабоко во мене и никогаш нема да го споделам јавно, токму затоа што го сакам и почитувам.
Александра Георгиев
Андријана Јовановска
Текстот „Ребека, те болат ли штиклите?“, познатите раскажуваат случки со Тоше е превземен од Reporter.mk.