По објавата на Ирена Ристиќ дека поради чистење на Владата завршила во душевната болница во Бардовци, и МВР излезе со официјално соопштение. Од таму велат дека актерката Ирена Ристиќ (43) синоќа околу еден часот по полноќ, во близина на Владата на Република Македонија, заедно со 32-годишниот В.Р. од Скопје го нарушиле јавниот ред и мир викајќи на висок тон, со дрско и непристојно однесување.
„Двајца полициски службеници им се доближиле и ги предупредиле за нивното однесување. Во тој момент, лицата почнале да ги омаловажуваат и навредуваат полициските службеници. И.Р. и В.Р. биле приведени во Полициската станица Центар за понатамошна постапка, поради сторени прекршоци против јавниот ред и мир. Кај лицето В.Р. (32) било утврдено дека е под дејство на алкохол, по извршено алкотестирање“, се наведува во соопштението.
Како што информираат од МВР, актерката Ристиќ одбивала да ѝ биде извршено алкотестирање и поради тоа била однесена во ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ за да ѝ бидат земени крв и урина за анализа за присуство на алкохол.
Таа, исто така, одбила да даде крв, по што била однесена во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје, со цел добивање мислење од стручно лице врз основа на надворешните манифестации и симптоми на лицето.
По тоа, актерката била вратена во Полициската станица Центар и во 4:30 часот била ослободена.
Од полицијата соопштуваат дека против Ирена Ристиќ ќе бидат поднесени прекршочни пријави, карање на јавно место, викање или непристојно и дрско однесување со што е нарушен јавниот ред и мир и за тоа следи казна од 100 до 400 евра и прекршочна пријава за омаловажување или навреда на службено лице на државен орган или друга институција и казна од 600 до 800 евра.
Текстот Ристиќ одби алкотест со чудни симптоми на лицето, велат од МВР за носењето во Бардовци е превземен од Reporter.mk.