Додека се чека официјалната потврда на трансферот на Кристијано Роналдо од Реал Мадрид во Јувентус, откриено е дека на масата за најдобриот светски фудбалер се нашла и понуда од анонимен кински клуб. Нејзината вредност изнесувала дури 200 милиони евра за само две сезони. Сепак, играчот одбил да тргне на пат кон Азија.
Како што се шпекулираше претходните неколку денови, најдобриот фудбалер на светот во Торино би требало за четири години да заработи 120 милиони, а Кинезите за една сезона му гарантирале речиси 100 милиони.
Роналдо сепак сеуште не сака да ја напушти Европа и целта му е повторно да игра во Лигата на шампиони, па така Јувентус останува главна опција за Португалецот. Откако неговата селекција го заврши учеството на Светското првенство, не е исклучено официјалната потврда за трансферот во „старата дама“ да може да се случи и пред финалниот меч на Мундијалот на 15 јули.
Пред нешто повеќе од девет години Португалецот од Манчестер Јунајтед мина во Реал Мадрид. За речиси една деценија на Сантијаго Бернабеу тој освои две шампионски титули и четири трофеи во Лигата на шампиони. Во богатата клупска кариера тој одиграл 763 меча и постигнал 573 погодоци, додека за репрезентацијата има одиграно 154 меча и ја затресол мрежата 85 пати.
За неговите услуги и понатаму е заинтересирана управата на Манчестер Јунајтед, но целосно планот на Португалецот е поинаков, затоа што Јувентус веќе е во поодминати преговори со Роналдо. Деновите кои се пред нас ќе дадат одговор каде и официјално ќе заврши најдобриот фудбалер на светот. Едно е сигурно, неговиот трансфер ќе предизвика земјотрес на Стариот континент.