Само македонски пејачи годинава ќе ги забавуваат гостите на Фестивалот на пастрмалија и вино, „Питијада“ во Велес, што ќе се одржи од 19 до 21 октомври. Лозано, Дарио, Баклава, Нино Величковски, Игор Џамбазов, Некст Тајм, Анета и групата Молика, се само дел од оние што ќе пеат на фестивалот организиран од Општина Велес.
„Подготвивме одлична програма, која се надевам дека ќе го привлече вниманието на гости не само од Велес, туку и од Македонија и странство. Одлучивме учесниците да бидат исклучиво од Македонија, без турбо-фолк имиња. Вака ќе ја поддржиме македонската музика“, рекол градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
Фестивалот почнува на 19 октомври (петок) со настапите на групата Виртус од Велес, групата Боеми од Битола, Баклава, Анета и група Молика, Некст тајм и Игор Џамбазов и Харе Гуру бенд. На 20 октомври ќе пеат Велешка чалгија, Нино Величковски со тамбурашите, Џамбо Агушев со неговиот оркестар, Кристина Арнаудова, Влатко Лозаноски, Бени Шакири и Нон стоп. Последниот ден, на 21 октомври, ќе настапат Чалгија и распеани велешани, Чалгија саунд систем, Синтезис, Александра Јанева, Слаткаристика и Дарио.
„Се бараат волонтери кои ќе помагаат при организацијата на манифестацијата, на која се поканети винарии, угостители, пекари. Преку ден има можност сите заинтересирани кои сакаат да настапат тоа да го сторат, доколку имаат желба, фолклорни групи, танцувачки групи, сите кои сакаат да настапат пред гостите“ додал Коцевски.
Бината ќе биде поставена на улица 8-ми септември близу фонтаната на паркингот пред Основен суд.
Текстот Само македонски пејачи на „Питијада“ во Велес е превземен од Reporter.mk.