Сашо Тасевски се повлече од директорското место на Драмски

Сашо Тасевски на социјалните мрежи напиша дека се повлекува од директорската позиција на Драмски театар. Сега веќе поранешниот директор Сашо Тасевски напиша дека додека тој директорувал со Драмски театар на репертоарот имало квалитетни претстави што ги полнеле салите, а за тоа доказ е продажбата на билети, која се зголемила за 100 проценти. За тоа Тасевски тврди дека постои и документација.

 

„Имав голема помош од вработените, им подадов рака на сите и ми вратија со посветеност во работата и врвна професионалност. Им пристапив без суета на сите, дури и на оние актери со кои не сме се мирисале лично или поради светогледите. Кога правиш победнички тим, нема место за суета. Ја сфатија пораката. И тие сакаа подобар Драмски театар. Згазив на суетата и кога побарав помош дури и од оние медиуми кои во груевизмот правеа хајки против мене. Помошта ја добив. И тие и останатите застанаа зад приказната што ја плетев околу Драмски. Благодарност до сите тие новинари и уредници. Убави зборови имам и за луѓето во СДСМ кои ми дадоа доверба да го водам Драмски театар, иако не бев нивни сопартиец. Луѓе по функции поголеми или помали, ама по човештина – џинови. Ми излегуваа во пресрет секогаш кога барав помош за театарот. Нема да ги именувам посебно. Знаат кои се. И тие знаат дека не ги разочарав. Како и да е, ми беше чест што бев директор изминативе тринаесет месеци и привилегија да имам такви соработници и таква публика“, напиша Сашо Тасевски на својот фејсбук-профил.

Подоле видете го целиот статус на Сашо Тасевски.

Текстот Сашо Тасевски се повлече од директорското место на Драмски е превземен од Reporter.mk.