„Се будев ноќе за да проверам дали дише“ – Пријанка Чопра прозборе за болеста на сопругот

Глумицата и поранешна Мис на светот, Пријанка Чопра, во интервју за списанието „Вју“, првпат прозборе за дијабетесот со кој се бори нејзиниот сопруг Ник Џонас, уште од детството. Таа вели дека на почетокот на врската била толку исплашена дека нешто може да му се случи на пејачот, што се будела ноќе за да провери дали е жив.

„Ник има дијабетес тип 1 уште од дете. Заради високиот шеќер неколкупати бил во предкоматозна состојба. На почетокот ми беше тешко да сфатам дека тој знае кога ќе му падне шеќерот во крвта. Дури и во сон го знае тоа. А јас се будев ноќе само за да се уверам дека дише. Му се восхитувам што знае да се бори со болеста и што е решен тој да го контролира дијабетесот, а не болеста да го контролира него“, рекла популарната глумица.

Бидејќи лекарите откриле дека има дијабетес кога наполнил 13 години, Ник е многу дисциплиниран и внимава на здравјето.

„Тој реши дека нема да се лиши од ништо заради болеста, па спортува, одржува концерти, води активен живот. Затоа секојдневно ме инспирира“, рекла Пријанка

Неговата борба да оздрави го поттикнала Ник да ја формира непрофитната организација Beyond Type 1, чија цел е едукација на лицата заболени од дијабетес и изнаоѓање нови методи на лекување.

За потсетување, 37-годишната Чопра се омажи за 10 години помладиот пејач на „Џонас брадрс“ лани. Тие ја почнаа врската во 2017 година, кога се запознаа на хуманитарниот моден настан Мет гала во Њујорк.

Текстот „Се будев ноќе за да проверам дали дише“ – Пријанка Чопра прозборе за болеста на сопругот е превземен од Reporter.mk.