Се омажи ќерката на Есма, се сели во Брисел

Елеонора Мустафовска, единствената ќерка на кралицата на ромската музика Есма Реџепова, се омажи за момче од Белгија и наскоро ќе се пресели во Брисел. Свадбата на Елеонора, која неодамна го смени името во Малиша, се одржа пред две недели во скопскиот хотел „Белви“. Меѓу гостите беа речиси сите нејзини 47 браќа, момчињата што ги посвоија Есма и Стево Теодосиевски.

И покрај тоа што свадбата била весела, на Елеонора ѝ недостасувала нејзината мајка Есма, која почина пред скоро три години по кратко боледување.

„Мајка ми ми недостига постојано, на секој чекор на мојот пат. Кога сум тажна да ме утеши, кога ми се случуваат убави работи да ја поделам со неа мојата радост. Оние невести чии мајки не доживеале да ги видат во венчаница знаат точно за што зборувам. Имаме еден стар адет, кога мајката на невестата е почината, пред свадба се оди на гробишта, па и јас заминав на гробот на мојата мајка, да ја поканам да биде духовно со мене тој ден. И имав чувство дека е покрај мене и дека е горда“, рекла Елеонора за „Фокус“.

Пејачката, која со години наназад пееше и со Есма, а потоа настапуваше со нејзиниот брат Симеон Атанасовски, вели дека иако ќе живее во Брисел, ќе продолжи да гради кариера на Балканот. Таа по свадбата ја промовираше нејзината втора песна Amorcito, песна во латино ритам на српски јазик. Освен тоа, медиумите во регионот најавија дека таа најверојатно ќе биде дел од третата сезона на големото балканско реално шоу „Задруга“.

Текстот Се омажи ќерката на Есма, се сели во Брисел е превземен од Reporter.mk.