Обожавателите на Арета Френклин ги преполнија социјалните мрежи со илјадници негативни коментари упатени кон Мадона (60), која вчеравечер одржа 10-минутен говор на доделувањето на видеонаградите на Ем-ти-ви во Њујорк. Таа беше обвинета дека себеси се ставила во прв план, иако говрот беше за да ѝ одаде почит на неодамна починатата Арета Френклин. Мадона реши да зборува за Френклин низ призмата на сопствената приказна
„Арета Френклин го смени текот на мојот живот. Го напуштив Детроит кога имав 18. Триесет и пет долари во мојот џеб. Сонував да станам професионална танчарка. По години борба и без пари, решив да се пријавам на аудиција за музички театар – слушнав дека плаќале подобро. Немав тренинг или сон за да станам пејачка, но се обидов. Бев одбивана на секоја аудиција. Не бев доволно висока. Не се вклопував доволно“, раскажа Мадона.
Потоа зборуваше за тоа како на една од аудициите решила да ја изведе You Make Me Feel Like A Natural Woman oд Френклин, по што продуцентите го забележале нејзиниот потенцијал и решиле да ја направат ѕвезда.
„Најверојатно се прашувате зошто ви ја раскажувам оваа приказна. Има причина затоа што ништо од ова немаше да се случи да не беше нашата дама на соулот. Таа ме донесе онаму каде што сум денес. И знам дека таа имаше големо влијание врз многу луѓе кои се тука денес, во оваа просторија оваа вечер. И сакам да ти се заблагодарам Арета што ни даде моќ на сите нас. Респект. Долго нека живее кралицата“, заврши пејачката.
За некого ова беше супер говор, но за повеќето обожаватели на Арета Френклин, Мадона не ја исполни задачата и беше мошне себична затоа што не пропушти можност да заборува за себе и за својата кариера.
Текстот Себичниот говор на Мадона ги налути обожавателите на Арета Френклин е превземен од Reporter.mk.