„Ја мразам ќерка ми! Мислев дека никогаш не би можела да мразам нешто што потекнува од мене, ама така е. Има ли некој во публиката 16-годишна ќерка?“, Шарлин Спитери, пејачката на шкотскиот бенд „Тексас“ се пошегува и ја почна приказната за својата ќерка Мисти Кид. „Јас не сум била таква. Не ја излудував мајка ми. Кога ја прашав дали е нормално што понекогаш ја мразам Мисти и нејзиното однесување, мајка ми ми рече: ‘Те мразев 2 години. Понекогаш сакав да те задушам со перница’“, раскажа Шарлин и ѝ ја посвети песната In Demand на Мисти, велејќи дека воопшто не е лесно да се биде мајка на модерна тинејџерка.
Шарлин, која е бремена со своето второ дете, среде концерт рече дека ѝ се јаде. И кога пристигна во Скопје пред три дена за „Репортер“ откри дека е многу гладна и побара препорака за вкусни јадења. Таа на публиката ѝ откри дека имала време да се прошета низ градот и дека пробала македонска храна. Ги пофали локалните специјалитети и рече дека ќе му каже некој рецепт на нејзиниот сопруг, готвачот Брин Вилијамс, со кого се омажи на почетокот на септември.
„Бев вчера во старата чаршија. Јадев гравче-тавче, ќебапчиња и многу убави лепчиња. Вие стварно знаете да готвите,“ рече гладната пејачка меѓу две песни.
Популарниот бенд ја освои македонската публика од прва. Концертот почна со нивниот прв светски хит I Don’t Want a Lover, а потоа се редеа песни од последниот албум Jump On Board, комбинирани со нивните најголеми хитови Black Eyed Boy, Summer Son, Say What You Want, In Our Lifetime. Шарлин постојано играш, скокаше, свиреше на гитара, комуницираше со публиката.
„Жал ми е што ни требаше толку долго за да дојдеме во Македонија. Се надевам дека ви е убаво и ќе нè викнете пак“, рече таа на крајот.
Концертот на „Тексас“ беше во организација на „Авалон продукција“. Пред нив настапи „Ареа“.
(А. Јовановска)
Шарлин од „Тексас“ дојде гладна во Скопје, ѝ понудија тавче-гравче
Текстот Шарлин од „Тексас“: Ја мразам ќерка ми е превземен од Reporter.mk.