Штитеникот на Есма: Голем срам и грев е да исчезне урната на Стево Теодосиевски

Симеон Атанасов еден од штитениците на кралицата на ромската музика Есма Реџепова – Теодосиевска, за кој се пишуваше дека наводно бил приведен за кражба во домот на Есма, сега апелира до надлежните да ја пронајдат украдената урна на Стево Теодосиевски и виновниците да одговараат за грабежот.

 „Ова е невиден срам и голем грев и не знам по кој пат апелирам до МВР и сите надлежни да превземат нешто. Грев е ова што се прави по смртта на легендарната Есма. Досега никој нема изразено желба да стави крај на оваа агонија“, вели Атанасов за „Фокус“.

 Претходно за Репортер, Атанасов ни кажа дека никогаш не бил приведен во полиција.

 „Ниту сум бил приведен, ниту, пак, сум крадел од домот на Есма“, вели Симеон.

 Покрај урната Атанасов тврди дека украден е и целиот стилски мебел. Тој вели дека гарнитурата се наоѓа кај семејството Реџепови и Ќазим, внуците од сестрите и браќата на Есма.

 Тој ни откри дека внуците на Есма изнеле сè од куќата, а дека го обвинуваат него. Атанасов објаснува дека тие имаат објавено фотографии од сакпите маси на социјалните мрежи.

 Апелира да се почитува тестаментот на Есма и мебелот да се врати во куќата, која еден ден треба да стане музеј.

„Јас веќе година и пол сум во судски спор со фамилијата на Есма. Таа остави два тестамента, едниот во кој пишува дека сè што има ќе ѝ го подари на државата, каде е и куќата, и другиот во кој пишува дека мене ми ги остава авторските права. Значи јас сум наследник на авторските права и тоа ми е сосема доволно“, вели штитеникот на Реџепова.

Текстот Штитеникот на Есма: Голем срам и грев е да исчезне урната на Стево Теодосиевски е превземен од Reporter.mk.