Што сè побара Лени пред концертот во Скопје

Американската рок-легенда Лени Кравиц, кој има концерт во Скопје на 3 мај, доаѓа без големи барања од организаторите „Авалон продукција“. За разлика од многу ѕвезди што дошле во Македонија и имале посебни желби, од тоа каков леб да има на менито за јадење, до кое пиво, вино и вода да се донесе во текот на денот, Лени со себе носи свој готвач кој ќе се грижи за подготовката на неговата храна. Тој сепак бара намирниците што ќе му се послужат да се органски.

„Барањата на Лени се скромни. Инсистира на органска храна затоа што сака да се храни здраво, а побара да има и многу сезонски салати и овошје. На овошјето што ќе му биде однесено мора да стои налепница дека станува збор за органски производ. Од овошје треба да му однесеме јаболка, банани, круши, манго, авокадо и мандарини. Во неговата хотелска соба и во гардеробата каде што ќе се подготвува за концертот сака да има и апетисани, суво овошје, кафе, свежо цедени сокови, ама никаков алкохол“, открија од „Авалон“ за „Репортер“.

Пејачот, кој ќе пристигне во Скопје два дена пред концертот со екипата од 60 луѓе, побарал уште и пилешко и мисиркино месо, риба, неколку вида сирење, ама и сувомеснати производи.

Концертот на Лени Кравиц во Скопје е негов втор концерт во Македонија, по оној што го одржа на „Билјанини извори“ во Охрид во 2008 година. Неговиот концерт е дел од турнејата Raise vibration.

(А.Ј)

Текстот Што сè побара Лени пред концертот во Скопје е превземен од Reporter.mk.