Со голема модна ревија и гламурозна забава во Централ парк во Њујорк, легендарниот моден дизајнер Ралф Лорен одбележа 50 години кариера. Преку 100 модели – машки, женски и деца, продефилираа на пистата, а меѓу нив беа и Каја Гербер, ќерката на Синди Крафорд, и ангелот на „Викторијас сикрет“ Џиџи Хадид. На ревијата имаше плетени креации, модели од твид, кошули во вестерн стил. Преовладуваа земјените бои и едноставните, а впечатливи дезени.
„Вистинската причина поради која сме сите тука не е ревијата, туку ти Ралф“, рече пред гостите неговата долгогодишна пријателка, Опра Винфри.
Освен Опра, на забавата присуствуваа некои од најпознатите луѓе од музичкиот и филмскиот свет, медиумите и модата, како: Хилари Клинтон, Марта Стјуарт, Ана Винтур, Роберт де Ниро, Ен Хатавеј, Пријанка Чопра, Ник Џонас, Блејк Лајвли, Џесика Честејн, Стивен Спилберг, Томи Хилфигер и други.
„Ралф е Светиот грал во модата. Без разлика дали ви продава палто, слика или хамбургер, тој секогаш дизајнира сон“, изјави креаторот Александар Венг.
Ралф Лорен ја почнал кариерата во 1967 година со машка колекција креирајќи ја познатата „поло“ маичка. Првите женски модели ги лансирал во 70-тите години на минатиот век.
Текстот Со гламурозна забава Ралф Лорен прослави 50 години кариера е превземен од Reporter.mk.