Студентите од Англија на починатиот драматург и писател, Горан Стефановски, покренаа иницијатива еден од одделите на Универзитетот во Кент, каде што тој предаваше долги години, да го носи неговото име. Петицијата ја почнал студентот Хери МекГин.
„Горан беше исклучителен човек и неверојатен професор. Не постои подобар начин да се сочува неговиот спомен отколку новата зграда да го добие неговото име“, стои во петицијата.
Веста за барањето на студентите ја пренесоа и британските медиуми. Досега оваа петиција ја потпишале 936 луѓе.
Горан Стефановски почина на 27 ноември во Кентербери на 66 годишна возраст. Вчера неговото тело беше кремирано во присуство на роднини, пријатели и неговите студенти од Универзитетот во Кент. Според неговата последна желба, пепелта ќе биде расфрлана во водите на Охридското Езеро.
Текстот Студенти бараат англискиот Универзитет да се вика Горан Стефановски е превземен од Reporter.mk.