Од 1 до 4 август на стадионот „Билјанини извори“ ќе се одржи третото издание на музичкиот фестивал „Охрид колинг“. Годинава на фестивалот ќе настапат некои од најдобрите светски диџеи во моментов, Димитри Вегас и Лајк Мајк на 1 август, Џакс Џонс и Роџер Санчез на 2 авгист, и Армин Ван Бурен на 4 август. Организаторите „Авалон продукција“ велат дека веќе се монтира сцената, која ќе биде најголема во регионот, поголема и од главната сцена на „Егзит“.
„Оваа година имаме водечки имиња од светската електронска сцена. Имаме и лајнап од десетина светски познати артисти од САД, Норвешка, Данска, Белгија, Македонија и други кои ќе настапат во трите фестивалски вечери. Очекуваме и туристи од сите страни на светот“, рече на денешната прес-конференција Ивана Нолчева од „Авалон“.
Оттаму велат и дека посетителите можат да очекуваат три спектакуларни фестивалски вечери.
„Покрај звукот и специјалните ефекти, настапите на диџеите ќе бидат дополнети и со спектакуларен огномет и пиротехника“, додаде на прес-конференцијата Денис Илиоски од „Авалон“.
На истата сцена каде што ќе се одржи музичкиот фестивал на 3 август концерт ќе одржи Марија Шерифовиќ. За нејзиниот концерт ќе се користи истото озвучување и осветлување како она за „Охрид колинг“, потврдија за „Репортер“ од „Авалон“.
Фото: Популарно.мк
Текстот Светската диџеј елита на „Охрид колинг“ е превземен од Reporter.mk.