Модната креаторка Тања Кокев ќе ја дизајнира облеката на Атиџе за на црвениот тепих на „оскарите“. Тие се сретнаа вчера во модното студио „Кокев“, а Тања објави слика со Атиџе и напиша дека херионата на „Медена земја“ веднаш знаела во кои бои сака да биде нејзината креација. Освен Атиџе, Кокев ќе ги облече и режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, но и целата екипа што работеше на документарецот кој е номиниран за две награди „оскар“.
„Ja прашавме Атиџе во која боја сака да прошета на Oскарите. Ни рече, не треба многу да се мислите кога знаете што сакате. Атиџе ја знаеше бојата уште пред да ѝ го отвориме каталогот. Навистина е лесно да се препознае вистинското“, напиша дизајнерката и додаде дека добила многу пораки со поддршка и убави зборови за соработката со тимот на „Медена земја“.
„Многу често во вашите пораки споменавте дека едвај чекате да ја видите нејзината трансформација. Атиџе е жена прекрасница, една во милион. Таквите жени не се трансформираат, може ние да се трансформираме учејќи од неа. Ние не сме тие кои треба на таа скромност да ѝ кажуваме како да прошета на ‘оскарите’. Секако дека ќе го испочитуваме дрес кодот на домаќините и ќе ја стокмиме во свечено руво, но нема да ја трансформираме бидејќи не гледаме потреба за такво нешто. Ќе ја испратиме на ‘оскари’ скромна, убава, дотерана, онака како таа ќе се чуствува најпријатно. Само во една средба таа ми кажа 10 мудрости, јас тука не можам и не сакам ниту да додадам ниту да одземам нешто“, вели Кокев.
Инаку, екипата на филмот се појави во креации на Кокев и на доделувањето на Европските филмски награди во декември. Документарниот филм е во продукција на Атанас Георгиев, кој е и монтажер, а кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума.
Текстот Тања Кокев: „Ние не сме тие што треба да ѝ кажеме на Атиџе како да прошета на Оскарите“ е превземен од Reporter.mk.