Тања Лепческа и Златко Димовски се годинашните главни протагности во рамки на годинашното 45-то издание на „Галичка свадба“, која ќе се одржи од 13 јули и ќе трае до 15 јули во преубавото амбиент на селото Галичник, на планината Бистра.
Тања Лепческа вели дека е дел од Галичката свадба од нејзината петта година, додека Златко кој доаѓа од Скопје, вели дека е запознаен со сите ритуали и обичаи на овој настан.
Според традицијата манифестацијата започнува во сабота со поставување на свадбарското знаме, како и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе се изврши во недела во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“ во селото, а него ќе го направат монасите од Бигорскиот манастир и монахињите од манастирот во Рајчица. Свадбената свеченост ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
И овој пат се очекува да се повтори успехот од минатата година каде присустваа над илјада посетители од земјава и странство. Организаторите најавија 30 оригинални свадбени обичаи и ритуали, проследени со традиционални народни носии, песни и ора кои пленат со својата авентичност, убавина и културна вредност.
– Горди сме што Галичка свадба од Агенцијата за подршка на туризмот беше прогласена за најуспешна туристичка манифестација за минатата година, а од „Њујорк Тајмс“ и „Нешeнал Геoграфик“ за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа. Овие признанија се само уште една причина Галичка свадба да продолжи да го негува македонското културно богатство и да биде негов промотор во целиот свет“, изјави Александар Костиќ, претседател на Месната Заедница „Галичник“ која е организатор на манифестацијата.
Покрај останатите гости, на годинешната Галичка свадба ќе присуствува и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во својство на покровител на манифестацијата, заедно со уште неколку членови на Владата.
– Оваа манифестација игра огромна улога во зачувувањето и афирмацијата на оригиналниот фолклор, традиционалните вредности, архитектурата и на народното творештво, како темели на нашиот културен и национален идентитет. Дополнително, „Галичка свадба“ претставува и своевиден македонски туристички бренд. Заради ваквото огромно значење, Владата и понатаму останува силен промотор и поддржувач на оваа и останатите слични манифестации во нашата земја – изјави Роберт Поповски, министер во Владата на Р. Македонија.
„Веќе 94 години традицијата е длабоко вградена во компаниска култура на Пивара Скопје. Затоа сосема е природно што сме дел од оваа манифестација која е огледало на традицијата и културно богатство на Македонија. Дополнително, свадбата е симбол за среќа, заедништво и пријателство што се вредности со кои се поврзуваат нашите брендови. Затоа тие се неизоставен дел од секоја веселба, вкучувајќи ја и најпознатата македонска свадба“, истакна Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје.
Како и секоја година, со одржувањето на манифестацијата „Галичка свадба“, всушност почнува „Галичкото културно лето“ кое ќе биде официјално отворено во петок, 13-ти јули во 22 часот, на платото пред чешмата Упија, со настапот на Влатко Стефановски и оперската певица Весна Ѓиновска Илкова, музичките групи „Тоа е Тоа“ и „Бенд Офф“.
Во програмата за годинешната „Галичка свадба“ предвидени се и голем број дополнителни забавни и музички содржини, прилагодени за сите генерации посетители. За првпат оваа година од сите локации каде се одржува манифестацијата ќе се емитува „лајв стрим“, односно пренос „во живо“, што ќе може да се следи на LED дисплеј кој ќе биде поставен на платото пред чешмата Упија, како и преку интернет, на социјалните мрежи.
Карактеристично за оваа година е и тоа што после подолг временски период, во рамки на манифестацијата, се враќаат и традиционалните Галички овчарски средби, како нераскинлив дел од културата на живеење и традицијата во овој крај.
Пред Галичник ќе биде огранизиран превоз со минибус до влезот на селото.