Македонската јавност со неверување ја прифати веста дека вчера почина таткото на најпознатата македонска детска серија „Бушава азбука“, Горан Стефановски. Најпознатиот македонски драматург, по 33 години заедно со режисерот Слободан Унковски работеше на сценариото за второ продолжение од популарната серија. Стефановски почина вчера во Лондон, Велика Британија, на 66 години.
Горан Стефановски го напиша сценариото на „Бушава азбука“ која првпат се снимаше 1985 година, во продукција на Македонската радио телевизија. Серијата имаше 31 епизода, по една посветена за секоја буква од азбуката. Новата серија е ориентирана кон македонскиот јазик и неговата употреба и богатство, а ќе почне да се снима следната година.
Оригиналната серија беше снимена со музика од „Леб и сол“ и Ана Костовска, а во неа играа врвни актери како Ненад Стојановски, Александар Чамински, Марин Бабиќ, Петар Арсовски, Ана Костовска, Софија Куновска, Кирил Ристески, Јовица Михајловски и Мими Таневска.
Горан Стефановски е роден во Битола во 1952 година. Со појавата на Стефановски современата македонска драма доживеа голем успех и пресврт. Негови драми се: „Јане Задрогаз“, „ Диво месо “, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“. Ги напиша и ТВ драмите „Клинч“, „Сослушувањето на железничарот“, ТВ сценарио за „Томе од бензиската пумпа“, ТВ сериите: „Тумба, тумба дивина“, „Бушавата азбука“, Радио драма: „Чиракот Шекспир“ итн.
Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.
Текстот Таткото на „Бушава азбука“ не дочека да го види второто продолжение на серијата е превземен од Reporter.mk.