Зоолошката градина во Скопје одамна е едно од омилените места на децата, но и на возрасните. Тина Мицковска, задолжена за односи со јавноста, помалку од една година е дел од скопската ЗОО. Вели дека ја има најубавата работа на светот заради секојдневното дружење со животните, но и дека секојдневно се справува со посетителите кои ги хранат животните и покрај предупредувањата дека не смеат да го прават тоа. Таа за „Репортер“ откри дека бројот на посетители расте особено откако дојдоа слониците Дуња и Даела, а дека децата ги знаат повеќето животни по име. „Убаво е кога имаш позитивен тим кој сака да оди напред“, ни раскажа таа и додаде дека заради фотографиите на жирафите и нивниот негувател Ристе, за скопската зоолошка сега се зборува во целиот свет.
Репортер: Фотографиите на кои негувателот Ристе се гали со жирафите станаа хит во светот. Како успеа Ристе толку да им се приближи и да се роди љубов меѓу нив?
„Ристе и неговата сестра Маја ги чуваат жирафите откога се дојдени тука, пред речиси 7 години. Жирафите, сите три на иста возраст, оттогаш се пораснати 3,5 метри во висина. Маја и Ристе се грижат само за тројцата мускетари – Флопи, Каспер и Тобого и го поминуваат секој ден заедно, 365 дена во годината. Оттука е нивната приврзаност и затоа се опуштени да се галат. На Ристе деновиве му пишуваат луѓе од целиот свет, а добиваме и барања од светски новински агенции да дојдат и да ги фотографираат заедно. Се надевам дека и во иднина светските медиуми ќе пишуваат позитивно за нас, а дека тоа ќе привлече уште повеќе посетители од странство“.
Репортер: Имате кампања против хранењето животни, ама често се жалиш дека многу посетители не ја почитуваат.
„Така е, и тоа навистина иритира. Додека летово сите беа по одмори, ние викендите ги поминувавме штитејќи ги животните од несовесни посетители. И покрај сите табли со забрани и нашите објаснувања дека животните не смеат да се хранат, дел од посетителите дрско и безобразно се спротивставуваат. Имаме мајмунче дијабетичар кое не смее да јаде овошје, имаме мајмуни алергични на глутен. Зелката е штетна за 90 отсто од животните. Затоа во иднина ќе воведеме парични казни, а секој несовесен посетител ќе биде казнет за хранење, вознемирување на животните или уништување на имотот“.
Репортер: По многу години македонската зоолошка доби слоници. Дента кога пристигнаа, Дуња и Даела беа атракција. Уште ли е така?
„Дуња и Даела веќе се чувствуваат како дома. Тие цел живот биле во циркус, живееле патувајќи во мал вагон. Не се дружат со други слонови, навикнати се само една на друга и затоа не можеше да се пратат во резерват. Во Скопје живеалиштето беше изградено според стандардите на Еевропската асоцијација за зоолошки и аквариуми (ЕАЗА), а тие уживаат во грижата која Војо, Виктор, Бојан и Билјана им ја пружаат секој ден. Посетителите и сега прво одат кај нив, па затоа ќе се потрудиме до почетокот на зимата да биде оспособено и внатрешното живеалиште за посета“.
Репортер: Колку ви помогна кампањата со познатите гости-негуватели за луѓето да посакаат да доаѓаат почесто во зоолошка?
„Кампањата беше направена за на посетителите да им се укаже дека нашите животни јадат здрава храна и дека таа треба да им ја даваат само зоо-негувателите. Јавните личности одблизу видоа колку е тешка работата на нашите вработени. Успеавме дел од посетителите да ги поттикнеме да престанат да ги хранат животните, а храната да ја остават во кутијата за донации што се наоѓа пред влезот на зоолошката“.
Репортер: Дали е забавно да се биде зоо-негувател?
„Иако изгледа прекрасно и сите мислат дека работата на зоо-негувателите се состои од галење и дружба со животните, не е баш така. Замислете зоо-негувател со 100 животни од различни видови со различно однесување. Треба сите да ги нахрани три пати во денот, секое живеалиште да биде светнато, целиот измет да биде исчистен. Секој ден ги проверува посебно едно по едно животните, дали се здравствено добри, дали се тажни, дали има некои промени во однесувањето, дали температурата во живеалиштето е оптимална. Да се биде зоо-негувател е одговорна работа и за мене тие се херои кои на животните им се и наставници, доктори, другари, мајка и татко“.
Репортер: Нилскиот коњ доби греење, се гради живеалиште за фламингата и пингвините што ќе дојдат на пролет, ќе се реновира домот на мечките. Ќе има ли други новини оваа зима?
„Периодов реновиравме голем број живеалишта, ги исчистивме малите езерца, а чистењето на големото езеро е во тек. Направивме нови игралишта за децата. Имаме нов електричен мини-бус оти се стремиме да направиме еко зоолошка. Направивме Zoo keeper’s talk со Војо, кое ќе продолжи и на пролет, но дополнето и со други зоо-негуватели. Бидејќи зимно време посетеноста е помала, отворивме топло катче каде возрасните ќе може да се напијат чај или кафе, а децата да играат или да погледнат цртан филм на кино-платно. Првпат зоолошката ќе биде новогодишно украсена и ќе имаме дводневен фестивал кон крајот на декември. Но и зимава ќе работиме на создавање идеални услови за секое животно. Тие се најважни, а ние сакаме да се чувствуваат колку може повеќе како во својата природна средина, да имаат реквизити за играње и соодветни живеалишта каде што ќе се чувствуваат удобно“.
Андријана Јовановска
Текстот Тина Мицковска: Жирафите ја направија скопската зоолошка позната во цел свет е превземен од Reporter.mk.