Тони Зен: Почнувам нов живот

Хип-хоп артистот Тони Зен минатата недела го промовираше својот шести албум „Од изворот на изборот“. Осумте нови песни се посмирени, посериозни, оти Тони смета дека изминативе години созреал и музички и духовно. За него, ништо на новиот албум не е случајно – песните ги осмислил со многу емоции, а инспирацијата ја нашол во семејството – љубовта на сопругата Валентина и синот Јасен, кој се роди пред речиси три месеци.

„Бескрајна е љубовта на Јасен и сопругата Валентина. Голема инспирација ми се во потполност, не само за песните или за албумот, туку и за живеењето. Ова е нов почеток, нов живот, сè во однос на раѓањето на синот ме радува. И на непожелните искуства им се радувам“, вели Тони за „Репортер“.

И покрај татковството кое му го смени животот, сепак, повеќе сака да зборува за музиката. Задоволен е од првите реакции по промоцијата на албумот. Нескромно вели дека очекувал само позитивни коментари.

„Реакциите се одлични, очекував и да бидат. Реткост е негативен коментар за ова дело. Тоа е така затоа што целта ми е ‘Љубов, просветеление за сите битија’. Неколку песни напишав пред 3-4 години, и го дочекав вистинскиот момент за сите да бидат склопени во еден албум. Нема тука случајност, само истрајност, будност, љубов“, ни раскажа тој.

Албумот, кој излезе шест години по претходниот „Микро Скопски организам“, Тони го опишува како „безвременска безусловна љубов“. Вели, во овој период работел на себе и созревал духовно.

„Кирил Бабамов има големо влијание за овој албум да звучи вака. Песните се комбинација од мои текстови, гитарски мелодии на Киро и перкусиите на Ратко Даутовски. Потоа ни се приклучи Мартин Јосифовски со бас и контрабас, Бојан Филиповски во својство на аудиоинженер и клавијатури, Борислав Веселинов на саксофон и флејта. Весна Малинова Бабамов пее пратечки вокали, Борче Кузмановски гостува во две песни со клавијатури, а Александар Сале Пешевски свири усна хармоника“.

По концертот на Антички во Охрид, гостувањето на концертот на 50 сент, полниот „Борис Трајковки“ во март 2011 година, вели, време е за нов голем концерт.

„Имав концерт и со бендот Маракуја од Србија во Универзална сала на крајот на 2011 година, а му гостував и на Слаткаристика на концерт во Метрополис арена во 2009. Така што, во Скопје секако дека ќе се повтори концерт“, рече Зен.

 

А. Јовановска

Текстот Тони Зен: Почнувам нов живот е превземен од Reporter.mk.