Речиси 12 години по смртта, поп-ѕвездата Тоше Проески конечно ќе добие пристоен гроб на Гумење во Крушево. Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, денес во Министерството за култура потпиша договор за изградба на спомен-обележјето, за кое од Владата добија десет милиони денари. Изградбата на проектот ќе почне веднаш.
„Ние веќе работиме на целосната процедура за изградба на спомен-обележјето и сега по потпишувањето на договорот ги продолжуваме активностите за да се игради сè околу гробното место. Конечно Тоше ќе има достојно вечно почивалиште“, рече Христоски по потпишувањето на договорот.
Автор на идејното решение е Жарко Чаушевски. Тој бил единствениот кој се пријавил на конкурсот за изградбата на вечниот дом на Тоше. За идејното решение за вечното почивалиште на Тоше Проески е консултирано и неговото семејство. Според Општина Крушево, проектот ќе чини околу 150.000 евра.
Гробот на Тоше секоја година го посетуваат десетици илјади обожаватели од целиот Балкан. Тие секојдневно оставаат постери, слики, предмети, цвеќе на гробот, кој и понатаму е руиниран, заграден со плексиглас и покриен со теписон со вештачка трева. Обожавателите од целиот регион веќе неколку години од надлежните бараат да се направи гробот, а Тоше да добие достојно почивалиште.
(Фото) Тоше конечно ќе добие пристоен дом, објавени првите слики како ќе изгледа гробот
Текстот Тоше по 12 години ќе добие пристоен гроб, се гради спомен-обележјето на Гумење е превземен од Reporter.mk.