Кралицата на поп музиката Мадона денеска полни 60 години. Пејачката се смета за една од најголемите музички икони во историјата на популарната музика, како и за секс симбол на денешницата.
Мадона е американска пејачка, танчерка, текстописец, продуцент, актерка и писателка. Позната и како „Кралица на попот“, таа својата слава ја стекна со нејзините иновативни музички спотови, изведби и често контроверзната употреба на сексуални и религиозни теми.
Таа има добиено бројни награди во нејзината кариера и има издадено многу албуми.
Патот до славата на кралицата на поп-музиката Мадона, не бил отсекогаш лесен. Родена е како трето од шесте деца на италијанскиот имигрант Силвио и Канаѓанката Луис. Прераната загуба на нејзината мајка станува пресвртница во нејзиниот живот.
Пејачката која денеска тежи повеќе од 600 милиони долари, во младоста наидува на голем број препреки, искушенија и колебања.
„Бев бунтовничка. Знаев дека сакам да бидам некој и нешто. Во основно и средно школо бев одлична ученичка, а потоа во 1978 година, нагло се откажав од факултетот и се преселив во Њујорк. Таму заминав со 35 долари во џеб. Не познавав никого. Продавав крофни, а навечер танцував со други пејачки“, вели Мадона.
Моментот кога ќе ја примети продуцентот Марк Каминс, за Мадона се и првите чекори до патот на славата. Договорен ѝ е состанок со дискографската куќа „Сир“, а Мадона вешто ја користи понудената можност во светот на музиката.
„Но, светот на музиката не беше подготвен за неа“, велат нејзини блиски пријатели.
„Со валкана коса, лоша облекува и полугола на сцените, каква порака им испраќа на младите?“, пишувал на почетокот на нејзината кариера весникот „Њујорк Тајмс“, веројатно не разбирајќи дека на тој начин ѝ прави одлична реклама.
Девојките во тоа време бараа идол. Го најдоа во Мадона. Нејзиниот втор албум Like A Virgin, е првиот албум на една пејачка во историјата на САД, кој е продаден во повеќе од пет милиони примероци. Почнаа да се редат и други песни и големи хитови, но во исто време и големи проблеми.
„Пеев затоа што се чувствував среќно и свежо. Запознав нов тип, а девојките тоа лошо го протолкуваа. Одеднаш сите сакаа да се сексаат, а јас бев на удар на сите католички цркви во светот“, се присетува поп-кралицата во едно од своите интервјуа.
Уште тогаш стана светска ѕвезда, а потоа во јавноста се појавија нејзините голи фотографии. Додека живеела во Њујорк поради недостиг на пари, Мадона позирала гола. И тоа само за 25 долари. Медиуми те постојано пишувале „неморал“, „блуд“, но Мадона не се поколебала.
„Ми требаа пари, нема да се извинувам“, порачала музичката поп-кралицата. Нејзините фотографии се продадени за повеќе од 100.000 долари.
Текстот Трнливиот пат до успехот на Мадона е превземен од Reporter.mk.