Вчера ми почина најдобриот пријатал, собирам сила да запеам

Фолк-пејачот Нино Величковски вечерва ќе одржи концерт во Куманово со кој ќе одбележи 35 години кариера, но и ќе се прости од најдобриот пријател, кој му почина ден пред концертот. Со тага во гласот, Величковски ни раскажа дека сè уште не може да се соземе поради загубата на Драго Миршојиќ, со кого вечерва требаше заедно да настапат на сцената.

„Ми почина еден од моите најдобри пријатели, тамбурашот Миршојиќ, со кого требеше вечер заедно да пееме и да го славиме јубилејот. За него е напишана песната ‘Свирете тамбури’ и познатиот стих ‘Тамбурата на Шојиќ’. И покрај големата болка, и јас и членовите од октетот „Куманово“, сепак, за нашата публика и за Драго, решивме вечерва да пееме, затоа што нашиот живот е музиката“, раскажа Нино за „Репортер“.

Тој вели дека истовремено чувствува и тага за загубата на еден од најдобрите пријатели, но и гордост затоа што имал чест да свири со него изминативе години.

„Концертот ќе почне со песната ‘Свирете тамбури’, ама наместо да пееме, ќе се рецитираат стиховите во чест на Драго. Ние сме луѓе што пееме, што се веселиме. Тоа е нашиот живот, таква ни е работата. Затоа нема да го откажеме концертот денес, туку ќе го посветиме на нашиот добар пријател“, вели Нино и додава дека во време на тага, песната е таа што го одржува.

Концертот „Нино и пријателите“ ќе се одржи на плоштадот во Куманово, како дел од 14. Тамбурашкиот фестивал. Со него на сцената ќе пеат и  Виолета Томовска, Маргица Антевска, Наум Петрески, октетот „Куманово“, „Кумановски тамбураши“, тамбурашите „Велос“ од Нови Сад и оркестарот „Пријатели“.

„Сакав мојот голем јубилеј да го споделам со моите пријатели и колеги. Тоа се луѓе со кои се знам со години, со кои соработувам одамна, ги почитувам. Со некои од нив се знам преку 30 години. Јас пеев на концертот на Виолета, му бев гостин на јубилејниот концерт на Миле. Со задоволство прифатија и тие да се дел од мојот голем јубилеј“, вели Нино.

Како дел од јубилејот, тој викендов ќе го промовира новиот албум „Песни, љубов и вино“.

„Албумот има 35 песни за 35 години кариера. Тука се наоѓаат моите први песни, најголемите хитови, ама и песни што оваа година треба да ги испеам на фестивалот во Лешок и на ‘Охридски трубадури’. Ние, музичарите, сме успешни колку што се успешни нашите песни. Јас имав среќа да испеам песни што останале. ‘Бабино девојче’ и ‘Свирете тамбури’ се најдоа на листата ‘100 народни песни на векот’ и горд сум поради тоа“, ни откри Величковски.

Вели, во кариерата секогаш се трудел да одржува исто ниво, без големи подеми и падови.

„Животот не е секогаш песна. Имало многу премрежја, убави, ама и лоши моменти. Се обидувам да ги паметам само убавите. Така е во нашиот еснаф, музиката нè крепи, нè води напред. Сите овие години внимателно ги бирав соработниците и бескрајно им верувам. Нивната емоција е и моја. Вечерва ќе пеам за публиката, за мене, за сите нив, а најмногу за Драго, кој веќе не е со нас“, вели Величковски.

А.Јовановска 

Текстот Вчера ми почина најдобриот пријатал, собирам сила да запеам е превземен од Reporter.mk.