Вдовицата на Коби Брајант на суд, бара отштета од сто милиони долари

Ванеса Брајант ја тужи компанијата Island Express Helicopters, во чиј хеликоптер загина нејзиниот сопруг и еден од најдобрите кошаркари во историјата, Коби Брајант. Коби загина пред пет месеци, по страшната несреќа и пад на хеликоптерот, заедно со неговата ќерка Џиана. Покрај нив, во хеликоптерот имало уште седум патници.

Ванеса сака правдата да ја истера на суд, сметајќи дека компанијата и нејзиниот пилот, кој исто така загина, се одговорни за несреќата. Во тужбата е наведено дека одговорните не ги собрале податоците за времето пред полетувањето и дека не го одложиле летот и откако дознале за лошите временски услови и густата магла.

Како што пренесува The Blast, Ванеса бара отштета од стотина милиони долари.

„Како резултат на смртта на Коби и Џиана Брајант, Ванеса Брајант бара економска и неекономска штета, казнена отштета и други олеснувања, кои судот ги смета за праведни и исправни“, стои во документите предадени до судот.

Исто така семејствата на останатите загинати патници во падот на хеликоптерот, подигнале приватни тужби. За потсетување, на 26. јануари, во падот на хеликоптерот во близина на Лос Анџелес загина легендарната НБА ѕвезда и играч на Лос Анџелес Лејкерс и неговата ќерка, со уште девет лица.

Обдукцијата покажала дека пилотот не бил под влијание на алкохол и дрога. Коби патувал на детски кошаркарски турнир, северозападно од Лос Анџелес, но поради исклучително лошите временски услови и густата магла, хеликоптерот се срушил. Компанијата немала дозвола за летање во такви услови.

Одговорноста за несреќата засега се уште се утврдува.

 

Текстот Вдовицата на Коби Брајант на суд, бара отштета од сто милиони долари е превземен од Reporter.mk.