Алпинистката Илина Арсова го освои врвот Винсон на Антарктикот и со тоа стана првата Македонка што ги искачила седумте највисоки врвови на седумте континенти.
Антарктикот е најстудениот континент на светот, па за овој подвиг таа се подготвувала психички и физички од март до ноември кога пливала во Охридското Езеро.
„Кога претходно искачував врвови во екстремно ниски температури, добивав смрзнатини на лицето и прстите, но тоа овој пат не се случи. Додека бев на Антарктикот, температурата паѓаше и до минус 18 внатре во шаторите, а на врвот Винсон температурата изнесуваше минус 40 степени“, раскажа таа.
Арсова го освои Винсон кога претходно ги искачи и Аконкагва во Јужна Америка, Килиманџаро во Африка, Еверест во Азија, Елбрус во Европа, Денали во Северна Америка, Пунџак Џаја во Австралија и Океанија. Пред десет години доктор Сашко Кедев стана првиот Македонец кој успеа да го направи овој подвиг. Илина е трета што го посетила Антарктикот по Кедев и Јовица Угриновски.
Во експедицијата во која учествувала Арсоваимало четворица алпинисти и еден водич.
Арсова, освен што е ликовен уметник и алпинист, е и активист за заштита на животната средина. Таа откри дека Антарктикот е најчистото место на планетата, каде што владеат строги правила за одржување на животната средина. Таму зад себе не смее да се остави никаков смет, па затоа учесниците на експедицијата својот измет си го чувале во кеси и го вратиле назад во авионот за Чиле.
За потсетување, Арсова во 2013 година стана првата Македонка што го освои Монт Еверест.
Текстот (Видео) „Кога го искачив Антарктикот беше -40 степени“ – Илина Арсова за највисокиот врв на најстудениот континент е превземен од Reporter.mk.