Поп-кралицата Мадона разочара со настапот на Евросонг, пишуваат светските медиуми. Долгоочекуваното шоу на Мадона заврши со дебакл, пишува „Метро“, а „Би-би-си“ вели дека настапот на пејачката предизвикал мешани реакции во јавноста. „Мадона го украде евровизиското шоу од погрешни причини, пренесувајќи политичка порака“, стои во натписот на „Дојче веле“. Освен ова, тие го искоментираа и пеењето на Мадона – „фалшираше“, „делуваше како да има трема, неколку пати згреши, ама барем покажа дека не пее на плејбек“, пишуваат медиумите.
Од настапот на Мадона на Евровизија за кој доби еден милион евра не беа задоволни ни фановите. „Зошто меша политика, ова ќе ѝ ја запечати кариерата“, „Еден милион евра за ништо“, „Сега оние што дадоа по 500 евра да ја видат Мадона во Тел Авив ќе бараат да им ги вратат парите“, „Лош настап на кралицата, лош“, се дел од коментарите на социјалните мрежи.
Мадона вчера имаше десетминутено шоу во финалето на Евровизија. Таа испеа две песни додека траеше гласањето на публиката – хитот Like A Prayer и Future од новиот албум Madame X. Организаторот на Евросонг досега на својата официјална страница не го објави настапот на 60-годишната пејачка, а се споделени сите други видеа од 64. Избор за песна на Евровизија.
Текстот (Видео) Лош настап на Мадона, пренесуваат светските медиуми е превземен од Reporter.mk.