(Видео) Марио Касас ја инспирира Викторија Лоба

Шпанскиот филм „Три метри над небото“ со Марио Касас ја инспирираше пејачката Викторија Лоба да го напише текстот за нејзината нова песна „Над небото“, откри таа за „Репортер“. Песната освен македонска, има и англиска верзија, Feel It. Продуценти на песната се Марга Сол и Дарлес Флоу.

„Жално би било ако вака добра музика не излезе во светски рамки. Со Марга решивме песната да има две верзии за да ја промовираме на светскиот пазар преку нејзината продуцентска куќа М Sol Records. Feel it веќе може да се најде на сите големи светски музички мрежи и да се купи/даунлодира преку Spotify, iTunes, Beatport  и други“, рече Викторија.

Спотот за двете верзии на песната се снимаше минатиот месец на островот Санторини, Грција. Викторија тогаш рече дека успеале да го „фатат најубавото зајдисонце на светот“.

Поп-пејачката додаде дека до крајот на годината ќе издаде два нови албума.

„Со Марга работиме паралелно на двата албума. Засега планираме да се викаат „Нов свет“, односно New World, но можеби ќе ги смениме до крај. Песните се скоро готови, и се снимаат и на англиски и на македонски јазик. Со Марга имаме многу планови и сакаме за скоро секоја песна да снимиме спот“, ни откри Лоба.

(A.J)

Текстот (Видео) Марио Касас ја инспирира Викторија Лоба е превземен од Reporter.mk.