Run n’ Hide e насловот на новата песна на македонското продуцентско трио „БДМ“. Таа е и прва соработка на бендот со машки вокал – Алекс Ви. Run n’ Hide е трета песна на македонскиот бенд, овојпат направена во електронски амбиентален звук. Како и претходните две, и таа е испеана на англиски јазик, а е во издание на „Парагон рекорд лејбел“. Оваа издавачка куќа ја промовира песната низ целиот свет и таа, како и претходните песни на музичкото трио, ќе се најде на музичките топ листи во светот.
„Алекс подолго време ни е соработник во тимот на ‘Парагон’, но тој првпат се појавува како главен вокал на една наша песна. Претходно работеше со ‘БДМ’ и со продукцијата на ‘Парагон’ како ghost writer. Музиката и аранжманот ги направивме ние тројцата, а текстот е работен заедно со Алекс“, велат момците од „БДМ“.
Новата песна се промовира во исто време со спот чиј режисер е Дарко Митев. Главната улога во видеото ја има Марис Џолин.
Овој новитет не е единственото нешто за момците од „БДМ“. Тие до крајот на годината го најавуваат деби албумот со наслов State Of Mind на кој ќе се најдат и претходните два сингла: Lее – на кој им гостуваше Јова Радевска и U&I што го снимија во соработка со пејачката од Јамајка, Калин.
„Музиката ја работиме на англиски јазик бидејќи ‘Парагон’ овозможува музиката да ни биде чуена низ целиот свет и со самото тоа можеме полесно да се промовираме на светскиот пазар. Втората причина е што целта на овој бенд е да настапува на фестивали низ Европа и на останатите континенти. Тоа што работиме на англиски не значи дека нема да снимаме песни и со македонски текстови“, додаваат момците.
Во текот на следната недела „Парагон рекорд лејбел“ ќе го објави онлајн натпреварот на светско ниво за најдобар ремикс на Run n’ Hide. Победникот ќе добие директна промоција на својата музика од страна на „Парагон“ и можност за понатамошна соработка со оваа издавачка куќа.
Текстот (Видео) Со песна на англиски, македонското трио „БДМ“ на светските топ листи е превземен од Reporter.mk.