Власта и опозицијата се сложија па ѝ честитаа на Тамара

Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се сложија дека Тамара одлично ја претстави Македонија на Евровизија во Израел. Тие ѝ испратија пораки пред финалето, а потоа ѝ честитаа и за осмото место, и напишаа дека се горди на нејзиниот успех.

Претседателот Пендаровски ѝ честиташе на Тамара преку неговиот фејсбук-профил и ѝ порача дека ќе се видат наскоро во Скопје за таа да му ги раскаже впечатоците од Израел.

„Честитки #TeamTamara, покажавте и докажавте дека секој вреди макотрпно да се бори за своите соништа, вие сте наши победници! Вчера ни ја донесовте Евровизија дома, заедно пеевме и го споделивме успехот, а граѓаните на Република Северна Македонија се горди на вас! Оставивте трајна вредност, песна посветена на секоја жена! Се гледаме наскоро, да ги споделите од прва рака впечатоците од импресивниот настап, напиша Пендаровски.

Честитката на опозицискиот лидер Мицкоски беше кратка.

„Честитки за Тамара. Македонија вечна!“, напиша тој на „Фејсбук“.

Премиерот Заев, откако преку „Фејсбук“ ги повика пријателите од Европа да гласаат за Македонија, на Тамара ѝ честиташе синоќа, па ѝ порача дека со неа се гордее целата земја.

„Честитки Тамара, честитки #TeamTamara. Скапоцени се овие моменти на единство кои ни ги донесовте преку музиката. Одамна не сме биле олку горди!“, е неговата порака.

Тамара Тодевска со песната Proud го освои осмото место и највисокиот пласман досега на Евровизија. Таа доби 12 поени од Австрија, Велика Британија, Албанија, Молдавија, Србија и Швајцарија и скоро во текот на целото гласање беше прва на табелата.

Aвтори на песната Proud се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а текстот го напишаа Коста Петров и Сања Поповска. Придружните вокали ги пеека Александра Јанева, Антониа Гиговска и Васил Гарванлиев.

 

Текстот Власта и опозицијата се сложија па ѝ честитаа на Тамара е превземен од Reporter.mk.