Во болница во Скопје по кратко и тешко боледување пред две години на 11 декември почина кралицата на ромската музика, Есма Реџепова-Теодосиевска. Имаше 73 години. Есма беше во брак со музичарот Стево Теодосиевски, со кого посвои 47 деца, од кои само едно е девојче.
Минатиот викенд, неколку дена пред двегодишнината од смртта, Есма доби пристоен споменик на градските гробишта во Бутел. Спомникот го подигна Владата на РМ, откако нејзините наследници и внуци две години јавно се караа за гробното место кое до скоро беше само со земја и по некое исушено цвеќе. Наследниците и внуците се караа и за тестаментот, музичките права и делбата на имотот. Првата година се правдаа дека гробното место е со земја заради муслиманските обичаи, но и по годината гробот остана само со земја, без споменик.
Кралицата на ромската музика почнала да пее на 14 години, кога директорот на нејзиното училиште ја пријавил на натпревар за пеење на радио. Иако победила на натпреварот, кариерата ја почнала неколку години подоцна. За време на својата 55-годишна кариера, Есма одржа преку 12.000 концерти во Македонија и надвор од неа, издаде 15 албуми за домашни и странски продуцентски куќи, а оствари соработка и со познати светски музички имиња. Во 2013 година ја доби престижната титула Национален уметник на Република Македонија. Таа се најде и на листата „50 најврвни гласови на светот на сите времиња“, во изборот на американското државно радио „Ен-Пи-Ар“. Медиумите ја нарекуваа примадона на европското пеење.
(Фото) Есма конечно доби пристоен дом на гробиштата во Бутел
Текстот За наследниците на Есма земја и суво цвеќе на гробот беа доволни: две години од смртта на кралицата на ромската песна е превземен од Reporter.mk.