Францускиот моден креатор, Жан Пол Готје, откри дека ревијата на висока мода што наскоро ќе се одржи во Париз, ќе биде последна во неговата 50-годишна кариера. Вели дека потоа брендот ќе почне со нешто ново.
„На 22 јануари 2020 ќе прославам 50 години од кариерата со ревија на високата мода во ‘Театр ду шале’. Тоа ќе биде мојата последна ревија. Но, со сигурност можам да кажам дека куќата ‘Кутур Готје Париз’ продолжува и понатаму. Наскоро ќе дознаете повеќе детали“, изјави популарниот креатор.
Готје креираше многу легендарни парчиња облека, меѓу кои и корсетот на Мадона со шпицест градник. Неговите креации модните критичари ги нарекуваат „полово ликвидни“ бидејќи Готје меша стилови, бои, дизајни, на женските парчиња облека додава машки детали и обратно. Познат е и како дизајнер на парфеми. Во 1984 година креираше цела колекција со здолништа и фустани за мажи „Машкоста не се носи со облеката, таа е во главата“, рече тогаш Готје.
Текстот Жан Пол Готје ја најави својата последна ревија е превземен од Reporter.mk.